Во МОБ се подготвува мјузиклот „Тајно моја“, во чест на Тоше Проески

Во Македонската опера и балет се подготвува мјузиклот „Тајно моја“, во чест на Тоше Проески. Екипата на мјузиклот почна со читачки проби со режисерот Тони Михајловски, а главните улоги ќе ги толкуваат Антонија Гиговска и Денис Димоски.

Во мјузиклот, кој премиерно ќе биде изведен на 10 март на сцената на Македонската опера и балет, учествува целиот ансамбл, оркестарот, хорот и балетот при МОБ, детскиот хор „Фалесто“. Дел од актерската екипа се Игор Џамбазов и Весна Петрушевска. Либретист е нашиот текстописец и драматург Огнен Неделковски, а автори на новите аранжмани на песните на Тоше се композиторите Кокан Димушевски и Сони Петровски.

Проектот е дел од Годишната програма на Министерството за култура. Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска на денешната прес-конференција во МОБ информира дека се работи за еден исклучително значаен проект, со кој, како што рече, оваа 2017 година ќе ја одбележиме 10-годишнината од смртта на нашата музичка легенда Тоше Проески.

– Ова е проект кој повторно ќе не наврати на спомените, на нашиот Тоше Проески, на неговиот лик и дело, кои и по толку долго време од неговото заминување останаа силно да живеат во сеќавањата на нашата нација. Пораките на неговите песни, искреноста со која ги интерпретираше, неговата хумана и благородна мисија допреа со брзината на мислата до сите генерации и затоа слободно можеме да кажеме дека Тоше ни остави непроценливо наследство со кое ја задолжи македонската култура, не задолжи сите нас, потенцира Канческа-Милевска.

Таа нагласи дека во изминатите десет години се реализирани огромен број проекти во чест на Тоше, како Спомен-домот на Тоше Проески во Крушево, кој досега го посетиле повеќе од 400.000 посетители.

Министерката за култура најави дека во текот на целата 2017 ќе се реализираат и други проекти во чест на Тоше, како традиционален концерт со кој ќе биде одбележана 10-годишнината од неговата смрт, изложбата „Спомени за Тоше“, изложба на животното дело на Тоше, џебно издание на книга за Спомен-куќата и разгледници. Годинава третпат ќе бидеме домаќини и на многу млади музичари од регионот, кои ќе бидат дел од третата музичка работилница во Спомен-домот на Тоше Проески во Крушево.

Режисерот Тони Михајловски потенцира дека за него претставува огромна чест да го работи овој проект и додаде оти ова е вторпат како е во функција на режисер. Тој потенцира дека е прекрасно да се работи со деца, кои, како што рече, се одлични, талентирани и музиката им е во душата.

Делото на Тоше, како што нагласи, најверојатно ќе остане вечно зашто музиката е вечна.

Огнен Неделковски појасни дека „Тајно моја“ е љубовна приказна за двајца млади кои живеат во времето на Тоше Проески, кога тој ги прави најголемите успеси, концерти, албуми…

Уметничкиот раководител на Операта Сони Петровски, кој соработувал со Тоше на повеќе проекти, истакна дека за него претставува предизвик повторно да се пристапи на неговите музички теми и во една ваква форма тие да се оживеат. Публиката ќе може да слушне 20-тина песни од Тоше, како Немаш ни благодарам, Тајно моја, Полско цвеќе, Усни на усни…

Според директорот на МОБ Игор Дурловски, обожавателите на Тоше кои би сакале да го видат мјузиклот би било најубаво и најсоодветно да го гледаат во МОБ.

– Сцената нуди огромни можности и најубаво е да се гледа интегрално, така како што е поставено, рече Дурловски и додаде дека не е исклучена можноста за претставување во други градови. Во преговори се следното лето да направат регионална турнеја низ државите од поранешна Југославија.

Младите пејачи Антонија Гиговска и Денис Димоски истакнаа дека за нив Тоше е мотив и инспирација за музиката и оти имаат безрезервна поддршка од тимот со кој работат многу часови.

Кореограф на мјузиклот е Олга Панго, сценограф Марија Ветероска, а костимограф Марија Пупучевска.