На сцената на Македонски народен театар (МНТ) почнаа пробите за новата претстава „Волшебната ламба“ во режија на Бојан Трифуновски, чијашто премиера се очекува во април.

– Тргнувајќи од митот за Аладин, претставата е замислена како  неонска бајка, базирана на постулатите од веќе легендарната приказна со арапски корени. Бајка-мјузикл, која ќе се обиде на најмладите и најважните учесници во нашата еволутивна дијалектика /децата да им ги пренесе идеите за љубовта како ненадмината и незаменлива движечка сила на творештвото, на пријателството и на магијата на сите кои со отворено срце и пристапуваат кон промените на  расплаканата планета – соопштуваат од МНТ.

Претстава изобилува со голем број на светлосни ефекти, во кои ќе се користи целиот светлосен капацитет на МНТ.

– Претстава со која на најмладите ќе им ја воозобновиме љубовта кон Караѓоз театарот/театар на сенките. Апсолутното аудио-визуелно доживување, по првпат на големата сцена на МНТ, со сите видео анимации и 3Д проекции изработени од  Миодраг Константинов, ќе помогне во создавањето на амалгам за првиот детски сценски спектакл од овој размер, а воедно ќе биде и еднонезаборавно искуство за најмладите – велат од националниот театар.

На сето ова се надоврзуваат нотите на маестро Емин Џијан  и диригентот на хорот Марко Павлевски, кои ќе ја изработат и подготват музиката за проектот. Сценографката Илина Ангеловска, која зад себе има остварено повеќе од четириесет театарски сценографии и по актуелната младинско-детска претстава „Силјан штркот шанца“ повторно чекори кон нови предизвици и авантури во детскиот свет, а за костимите ќе се погрижи младата костимографка Антонија Гугинска – Јовановска.

Во претставата „Волшебната ламба“ ќе учествуваат: Александар Михајловски, Дарја Ризова, Сашко Коцев, Никола Ацески, Камка Тоциновски, Драгана Левенска, Ненад Анѓелковиќ и Славиша Кајевски, потпомогнати со децата од  Драмското студио по актерска игра од академијата на Магдалена Ризова –  Черних.

Идејата, магијата, креативното творештво и движечката сила на режисерот Бојан Трифуновски со магичниот проект „Волшебната ламба“ ќе ги вовлече децата и возрасните со светот на љубовта и здравиот хумор. Трифуновски со оваа љубовна приказна ќе долови како и зошто треба да се справиме со секојдневните предизвици.