Во минатото се знаеше дека недела е резервирана за гости кај баба, за зелник и за тулумби

Се сеќавам кога неделата некогаш имаше друго значење. Барем кога јас бев дете. Недела беше посебен ден, недела се сметаше за празник.

Вчера беше недела. Недела, ама многу поразлична од неделите во минатото.

Едвај станав од креветот. Првото кафе го испив на балконот, а една слика ми помина низ мислите. Слика, каква беше неделата порано.

Едвај чекавме да дојде тој ден. Едвај чекавме да се разбудиме и да отидеме на гости кај баба и дедо. Не дека и другите денови не одевме кај нив, но неделата беше посебна.

Не смеевме да имаме никаква обврска или некој друг план. Се знаеше, што се прави во недела.

Се собираме цела фамилија, вујковци, тетки, братучеди и сите на гости.

Уште од крај на улица мириса на зелник, на блага баница со јаболко или тиква. Се слушаше желбата на сите. Баба можеше на секој поединечно да му спреми нешто различно.

Смеа колку сакаш. Дворот полн со луѓе, со детски глас. Баба беше најсреќна. И денеска ми стои тоа насмеано лице, таа ведра исполнета насмевка.

Тулумбите на баба. Незаменливи. Денеска нема повеќе такви. На баба беа посебни.

За нас, а верувам и за сите семејства недела имаше големо значење. Ден кога се гледаш со најблиските, раскажуваш каква ти била неделата, што те очекува во наредната.

Собираш енергија за почеток на една нова работна недела.

Дома кога ќе се вратевме, мајка ми, не спремаше за училиште. Се знаеше, недела вечер резервирана на мајка ми за пеглање на алишта кои ќе ги носиме цела недела на училиште. Подготовките за новата учебна недела. Ние, ги правевме последните подготовки со домашните задачи. Не седевме пред компјутер, не седеше ни мајка ми. Таа беше домаќинка во вистинска смисла на збор. И сите други жени, мајки. Знаеја кои им се обврските, кои им се целите и приориетите.

Денеска за жал, се ја изгуби смислата. Ни остана само да се сеќаваме на убавите времиња од минатото, надевајќи се, дека еден ден ќе дојдат уште поубави...