Македонија од извоз на вино лани инкасирала 43,8 милиони евра, при што најмногу 48% се извезени во земјите на Западен Балкан и 41% во земјите на ЕУ.

Така лани од земјава се извезени околу 200.000 хектолитри флаширано вино и далеку повеќе наливно вино, односно околу 500.000 хектолитри

Овие интересни статистички бројки за Македонија како земја каде се произведува квалитетно вино, или како што уште се нарекува пијалок на боговите ги објави Државниот завод за статистика на РМ точно на денот кога се закројуваат лозјата 14 февруари – Св. Трифун. Тие исто така утврдиле дека во угостителските објекти ширум земјава околу 15 % изнесува потрошувачката на виното во однос на останатите пијалоци.

Како што велат статистичарите, во земјава се регистрирани 62 винарии кои се задолжени за целокупното производство на вино. Тие во 2017 година произвеле 369.339 хектолитри вино на точење и 265.683 хектолитри вино во шишиња.

Во месецот на виното од ДЗС велат дека 15% од потрошувачката на вино во угостителските објекти е само 15 проценти, што пак се должи на повисоките цени на овој пијалак.

Во земјава има и 40.700 земјоделски стопанства со лозови насади кои имаат засадено 87,9 милиони пенушки винова лоза, кои што пак се засадени на површина од 23.703 хектари.

Од ДЗС исто така утрвдиле дека се реализира и производство во домашни услови на 50.666 тони грозје и 74.000 хектолитри вино.

Анализите пак на Светската здравствена организација констатирале дека населението во Македонија најмногу консумира пиво и тоа 47,4 отсто, но веднаш потоа е вино со 39,9 отсто застапеност, додека останатите пијалаци се консумираат со 12,6 отсто од вкупната потрошувачка на алкохолни пијалаци.

Во земјите од регионот во Бугарија, Словенија и Хрватска потрошувачката на вино е околу 25 литри по глава на жител.

Во овие балкански држави поголема е потрошувачката на пиво во споредба со виното. Просечната консумација на пиво во Србија е околу 65 литри, а во Хрватска и Бугарија изнесува над 75 литри.
Финска, Шведска и Обединетото Кралство согласно податоците на Светската здравствена организација е една од земјите каде се консумира повеќе алкохол, а виното е дел од таа статистика.

Така последните бројки говорат дека потрошувачката на алкохол по глава на жител изнесувала 11,9 литри во Финска, 12 литри во Обединетото Кралство, 8,7 литри во Шведска, при што проекциите за 2020 година за овие земји се дека стапката на потрошувачка на алкохол по глава на жител ќе порасне за околу 0,2-0,4 литри.