Во Македонија се градат нови гасоводни делници. Од државната компанија МЕР („Македонски енергетски ресурси“) велат дека со подобрувањето на временските услови ќе се интензивираат и работите на терен, пишува Лидер.

Со затворањето на клириншкиот долг се овозможи изградба на делницата Клечовце – Штип во должина од 61 километар. Овој проект е веќе реализиран. Комплетирани се над 60% од градежните работи на потегот Штип – Неготино во должина од 36 километри. Се изведуваат делниците Неготино – Прилеп – Битола (92 километра) и Скопје – Тетово – Гостивар во должина од 76 километри.

-Започната е изградбата на дополнителни 205 километри гасоводна мрежа. Со завршување на четирите магистрални делници ќе имаме покриеност од над 70% од потрошувачката на природниот гас. Тоа во количини би било околу 900 милиони кубни метри, објаснува првиот човек на „Македонски енергетски ресурси“, Крсте Миладинов.

Вредноста на инвестицијата за изградба на примарната, односно на националната гасоводна мрежа се проценува на 350 милиони евра.

-За две години, ако сè биде во ред, најголем дел од Македонија ќе биде приклучен на гасоводот, вели Миладинов.