Во Македонија има потреба, но,се уште нема продавница во која ќе се продаваат производи чиј рок на употреба е при крај

Во светот веќе одамна функционираат продавници во кои рокот на употреба на производите кои се продаваат е при крај. Овие производи обично се до 70 отсто поевтини од супермаркетите и најчесто се наменети за посиромашните граѓани, а неретко можат да се сретнат и граѓани кои сакаат да си поминат поевтино во месецот.

Во Македонија, иако реално има потреба, се уште нема продавница во која ќе се продаваат производи чиј рок на употреба е при крај. Во 2008 година кога почна зголемување на цените на храната на светско ниво и кога во Европа почнаа да се отвораат вакви продавници имаше еден ваков обид и кај нас, но не се реализира. Во суштина, кај нас немаше поголемо зголемување на цените на храната, туку се намали грамажата и на тој начин индиректно се зголемија цените на храната. Експертите велат дека вакви продавници се потребни и оти треба да се отворат во повеќе градови низ државата. Меѓутоа, пред да се реализира ова треба да се направи добар план и да почне да се делува локално, односно преку општините.

Според бројот на жители, Македонија на листата од еден до десет во светски рамки, засега се наоѓа меѓу седмото и осмото место по фрлање храна. Во Македонија се фрла речиси една четвртина од вкупното количество храна со која манипулираат маркетите, рестораните, производителите и дистрибутерите.

Најмногу храна фрлаат дистрибутивните ланци чии производи се со краток рок на траење, потоа рестораните и домаќинствата.