Во мај нема упис на првоодделенци без примени вакцини

Во мај нема упис на првоодделенци без примени вакцини. По прогласувањето на епидемија на морбили во целата држава министерот за здравство е категоричен дека по градинките невакцинираните деца нема да се примаат ниту во училиште. Ова ќе важи за сите одделенија. Од друга страна нема да се менува ниту законите за задолжителна имунизација и основно образование, за што Филипче се повика на искуство од Уставниот суд.

- Ниту едно дете нема да биде примено во градинка и во училиште невакцинирано. Најдовме и одлуки на Уставниот суд, што претходно одлучувал по претставки доставени од родители во 2014 година и 2015 година. Јасни се одлуките на Уставниот суд дека никој нема право да го загрозува јавното здравје, ниту има право со својата волја да го загрозува правото на детето да биде здраво, изјави д-р Венко Филипче, министер за здравство

Освен повикување за масовна имунизација и невакцинираните да не се примаат во воспитно образовниот процес, засега комисијата за заразни болести при МЗ нема предложено други мерки за сузбивање на епидемијата. Засега нема да има забрана за групни собири на деца во игротеките, киносалите, фестивалите...

Од опозициската ВМРО ДПМНЕ обвинија дека мерките се задоцнети.

Каде беше Филипче четири месеци со мерките за спречување на ширењето на морбилите? Каде беа мерките да се спречи ширењето на болеста помеѓу вработените во здравствените институции, да се провери дали негувателките и воспитувачките во предшколските установи биле вакцинирани?

Дали е вистина дека нема вакцини во болниците во Кичево и Кочани? Кој ќе понесе одговорност за новите заразени во овие градови? Изјави Маја Славева од ВМРО ДПМНЕ.

Филипче пак тврди дека вакцини има, се работело за дози за ревакцинација за други болести.

Од почетокот на годината со мали сипаници заразени се околу 1000 лица, повеќето се деца. Беа регистрирани и 3 смртни случаи.