Во книжарницата „Литература.мк” се отвора франкофонско катче

Книжарницата „Литература.мк“, издавачката куќа „Арс Ламина публикации“ и Францускиот институт во Скопје вечерва ќе го отворат првото специјализирано продажно франкофонско катче во Македонија.

На отворањето во книжарницата „Литература.мк” ќе се обратат францускиот амбасадор Кристијан Тимоние и директорот на издавачката куќа Арс Ламина, Дарко Фиданоски.

Со новото франкофонско катче се збогати книжевната понуда во градот и таа станува подостапна за читателската публика, која на едно место ќе најде франкофонска литература за деца, млади и возрасни читатели, методи за изучување на францускиот јазик, преводи на француски автори на македонски јазик и обратно, книги за Франција, но и да учествува во бројните планирани работилници и книжевни читања, промоции на образовна литература (учебници и дидактички материјали), гостувања на француски писатели и илустратори.

Низ овие форми на делување, Францускиот институт во Скопје и книжарницата „Литература.мк“ очекуваат да придонесат кон подобра промоција и афирмација на францускиот јазик во Република Македонија и негова поголема достапност до сите.