Во Кинотеката на Македонија вечерва ќе биде прикажан филмот "Само обичен човек"

Во Кинотеката на Македонија вечерва во 21 часот ќе биде прикажан шведскиот документарен филм "Само обичен човек".

Документарниот филм е за правото секој да биде тоа што навистина сака. Некои луѓе се родени во погрешно тело.

Сем е еден од нив и ова е неговата приказна. Пред 22 години се раѓаат близначките Изабел и Дениз. Но уште како дете Изабел знае дека е поинаква од другите девојчиња. Длабоко во себе Изабел знае дека е момче, родено во тело на девојче.

„Кога ќе пораснам ќе бидам татко", вели шестгодишната Изабел на една семејна видеоснимка. Неколку години подоцна, Изабел го менува името во Сем.

На почетокот, неговата мајка мисли дека е само минлива фаза, но од моментот кога сваќа дека Сем е сериозен, таа потполно застанува зад него и го подржува во неговата истрајност да биде тоа што е. Неговата сестра близначка е исто така негов најголем сојузник. Сем ја прави транзицијата на млада возраст, имајќи ја поддршката и безусловната љубов на својата мајка и сестра.

Денес тој е млад човек кој се обидува да го најде својот пат во една реалност која не секогаш е нежна со него. Тој само сака да ужива во животот заедно со своите пријатели како и било кој друг млад човек, без да мора постојано да се соочува со преиспитувања на неговиот идентитет.

„Јас сум само еден обичен човек! Може сега да зборуваме за нешто друго?" Филмот го прати животот на Сем од 6 до 22 годишна возраст, прикажувајќи ги не само тешкотиите на адолесценцијата и на чувствувањето различен, туку и победите при остварувањето на својата автентичност.

Филмот е номиниран за Банф Роки Награда во 2016 во Канада.