Во Италија заштитни маски се продаваат и за цена од 5.000 евра, на трговците им се заканува затвор

Трговците на интернет, кои наплаќаат неверојатно високи цени за заштитни маски за лице и други производи што ги рекламираат како заштита од коронавирусот, ќе се соочат со кривични пријави во Италија.

Финансиската полиција објави дека открила луѓе што продаваат маски за лице за цена од 5.000 евра за парче.

Покрај тоа што цените се надуени до неверојатни резмери, продавачите на интернет лажно тврдат дека нивните производи нудат целосна заштита од коронавирус.

Дваесет лица се обвинети за лажно рекламирање и одземени се илјадници заштитни маски, прочистувачи на воздухот, па дури и хартиени заштитници за тоалет школки, соопшти полицијата, а пренесува „Индекс.хр“.

Лажното рекламирање се казнува до две години затвор, предупредија од финансиската полиција во Италија.

По избувнувањето на епидемијата на коронавирусот, луѓето во неколку делови на Италија од аптеките и продавниците ги разграбале заштитните маски за лице и антибактериските гелови за раце, што предизвикува пораст на цента на ваквите производи.

На прес-конференција во Рим министерот за надворешни работи, Луиџи ди Мајо, рече дека владата размислува да донесе мерки за намалување на цените, но исто така истакна дека на повеќето луѓе не им требаат маски.