Во екот на летната сезона кога најголемиот дел од граѓаните патуваат надвор од државата и ги користат летните одмори Министерството за внатрешни работи доцни по неколку денови со надвор од предвидениот рок за издавање на патните исправи за граѓаните кои имаат поднесено барање за патна исправа на македонски јазик.

По итна постапка и во законскиот рок се издаваат само патните исправи на албански јазик.

Според информациите причина за доцнењето на патните исправи е недостаток на обрасци на македонски јазик кои Министерството за внатрешни работи имало обврска да ги набави пред неколку месеци со цел да не дојде до вакви проблеми во најважниот период од годината.  Но, информациите до кои дојдовме велат дека постапката за набавка на овие обрасци се уште не е започната.

Ваквиот однос на Министерството за внатрешни работи предизвика сериозен револт кај граѓаните на кои им било сугерирано дека доколку сакаат патна исправа по итна постапка, таа може да биде само на албански јазик. За патните исправи на македонски јазик се чека повеќе и од законски предвидените 15 дена.

Согласно членот 36 од Законот за патни исправи на Република Македонија, Министерството има обврска патната исправа да ја издаде во рок од 15 дена од приемот на барањето. Но, според изјавите на граѓаните Министерството за внатрешни работи во изминатиот период секојдневно свесно, поради свој пропуст го крши законот.

За патна исправа се сликав речиси на половината од месец јули и планирано ми беше да заминам на одмор на 10-ти август. Кога пред неколку денови бев да го подигнам пасошот од страна на вработениот во МВР бев информиран дека поради застој пасошот уште не е готов и дека нема да можам да го подигнам и покрај тоа што веќе се поминати 15 дена од денот на аплицирање. Службеникот не знаеше да ми каже кога ќе може да си го земам документот со што ми пропадна одмор и парите уплатени за тоа, вели Никола П. од Скопје.

Доколку во најбрзо време Министерството за внатрешни работи не ја спроведе постапката за набавка на нови обрасци за пасоши на граѓаните на Република Македонија им се заканува сериозен застој во издавањето на личните документи. Познавачите велат дека лошото менаџирање на набавките во МВР се главна причина за овој проблем. И додаваат дека за жал ова ќе има последици не само во овој сегмент туку и во други сегменти на работењето и функционирањето на Министерството за внатрешни работи.