Во две скопски училишта: Освен од вируси, децата заболени од болеста на бакнежот

Во две скопски училишта имало два случаја на инфективна мононуклеоза, позната како болест на бакнувањето.

Лекарите предупредуваат да се внимава на хигиената, децата да не се бакнуваат со заболени, но и да не ставаат предмети во уста. 

- Направена е дезинфекција. Иако станува збор за изолирани случаи треба да се внимава. Треба почесто да се проветрува, да се внимава на хигиената, да не се користат заеднички предмети и да не се ставаат во уста, за Нова Македонија објаснува д-р Лилјана Лазаревска, епидемиолог во скопскиот Центар за јавно здравје.

Лекарите апелираат родителите да не паничат и навреме да ги носат децата на преглед. Инфективната мононуклеоза е заразна болест најчесто предизвикана од Епштајн-Баровиот вирус, кај 90 отсто од случаите, или од цитомегаловирусот кај 10 проценти случаи. Кај заразените деца, инфекцијата често минува без симптоми. Кај заразените возрасни, во повеќето случаи, вирусот знае да предизвика зголемена телесна температура, зголемени лимфни јазли и воспалено грло.

Заразата првенствено се пренесува преку плунката. Обично се пренесува со бакнеж и со допирање делови на телото со предмети натопени со заразена плунка, како на пример чаша, прибор за јадење, играчки. 

Првите симптоми на болеста се јавуваат четири до осум недели по инфекцијата. Таа се препознава по малаксаност, губење апетит и треска, а неколку дена по овие симптом се јавуваат и воспаление на грлото, покачена температура и зголемени лимфни јазли. Повеќето пациенти се жалат на главоболка и малаксаност.Лекарите објаснуваат дека грлото обично е воспалено до една недела, а зголемената температура може да трае и две недели. Симптомите што најдолго се чувствуваат се замор и малаксаност. Компликациите се ретки, но можат да бидат и драматични па дури и доминантни симптоми на болеста.

Кога ќе се разболи некој се лекуваат симптомите, бидејќи нема лек против причинителот. Се препорачува мирување т.е. одбегнување физички напор, пиење поголеми количества течности додека е зголемена телесната температура, а по препорака од лекар да се употребуваат и лекови за неа.