Во Дебар 11 нови лица во самоизолација, нема собирања на граѓани на јавни места

Стабилна е безбедносната состојба на подрачјето на општините Дебар и Центар Жупа, каде е прогласена кризна состојба. Во рамките на предвидените мерки во оперативниот план, полициските службеници ги реализираат мото-патролите низ градските средини и приградските населби. Притоа, не се регистрирани собирања на граѓани на јавни места, нема нарушувања на јавниот ред и мир и нема регистрирани сообраќајни незгоди, информира МВР.

Синоќа пред полноќ, во киоск лоциран во дебарското село Могорче, извршена е тешка кражба, и се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот.

Според соопштението на МВР, видентирани се 11 нови лица во самоизолација, сите во Дебар, и извршени се 61 контрола врз овие лица. Во општините Дебар и Центар Жупа успешно се спроведуваат мерките за контрола при влез на патнички и други моторни возила, како и активностите за дотурот на храна, лекови, средства за лична хигиена и други потреби за граѓаните во двете општини. Од МВР потсетуваат дека сите правни лица кои вршат дотур треба да се најават во Кризниот штаб на фиксниот телефон 046/831 051 по што нивните возила со полициска придружба ќе бидат спроведени до соодветните трговски објекти.

Исто така, се потсетува дека влезот е дозволен само на лица кои се жители на општините, а истовремено е оневозможен, односно строго е забранет излезот на сите граѓани затекнати на подрачјето на двете општини.