Се поголем број скопјани се одлучуваат во своите домови да чуваат миленичиња: кучиња, мачки, рипки, птици, со кои емотивно се врзуваат, па нивната смрт им е еднакво болна како да изгубиле некој најмил од семејството.

Поради тоа, кога ќе пцовиса миленичето бараат да го погребат на гробишта за миленици. Но, такви гробишта во Скопје нема, а граѓаните се снаоѓаат и ги закопуваат во блиските излетнички места: Сарај, Матка, на Водно, или на кејот на Вардар.Крадешкум преку ноќ како знаат и умета си закопуваат своите пријатели од животинскиот свет.

Недостигот од законска регулатива и парцели пропишани со деталните урбанистички планови е тоа што го запира процесот метрополата да добие гробишта за миленици, велат градските власти.

Дека и на Скопје му се потребни гробишта за миленици потврдуваат и надлежните од АД „Бутел“. Тие појаснуваат дека редовно се јавуваат граѓани да прашаат дали може да го закопаат своето куче или маче на Градските гробишта, а некои дури, барале и специјални погребни церемонии за пцовисаните миленици со оддавање почит со сите адети како што е редот за покојници. Сопствениците би сакале да знаат каде ќе почива нивното милениче, затоа што долго живееле со него и ги врзуваат многу спомени. И покрај тоа што идејата за гробишта за миленици во Скопје одамна стана потреба, такво нешто не се предвидува ниту во новиот закон за гробишта. Образложението е дека ваквиот вид гробишта не се од јавен интерес. 

Согласност со одлуката за комунален ред, погребувањето на миленичиња на јавни површини е казниво и ако некој биде фатен во тоа, казната изнесува 50 евра во денарска противвредност.

Иако кај нас овој проблем сè уште се игнорира, во нашето соседство веќе се отвораат гробишта за миленици. Најдобар пример е Србија, каде што среде Белград има гробишта за домашни животни веќе пет години. Имено, гробиштата во главниот град на Србија се изградени на површина од два хектара и имаат околу 5.000 гробни места. Тамошните медиуми, а и надлежните, веќе некое време најавуваат и изградба на крематориум за миленици како опција за видот на почивалиштето на пцовисаниот миленик.

Во светот ова функционира сосем поинаку. Така, на пример, во Хонгконг биле отворени ВИП- гробишта за миленици со поглед на море, а нивната цена се движи од 850 до 1.500 долари.