Во Центар ќе се собира кабаст отпад

Општина Центар се приклучува кон големата акција за собирање кабаст отпад која ја спроведува ЈП „Комунална хигиена“- Скопје и Градот Скопје по повод Светскиот ден на чистењето.
Акцијата ќе се одвива од утре, 21 септември, до вторник, 24 септември, а кабаст отпад ќе се собира на три локации на територија на општината, аголот на ул. „Костурски херои“ и ул. „Борка Талески“ (спроти Вучко), на ул. „Наум Наумовски Борче“ (кружен тек во Дебар Маало) и кај Зелен пазар (паркингот зад Макпетрол).

„Оваа акција е вистинска можност за жителите на Општина Центар и на сите останати општини во градот да се ослободат од непотребните кабасти работи во нивните домови и да се погрижат кабастиот отпад да заврши на вистинско место, наместо на јавни површини или покрај контејнерите, кои се наменети за друг вид на отпад.

Имаме колективна одговорност кон животната средина и заедничкиот простор во кој живееме. Токму затоа, ги повикувам сите оние жители на Центар кои имаат потреба од одложување на кабастиот отпад, да го направат тоа на една од трите локации на кои се поставени садови за таа намена“, апелира Саша Богдановиќ, градоначалник на Општина Центар.

Во кабаст отпад спаѓа стар мебел, електронска и електричната опрема.

Во рамките на акцијата ќе бидат отстранети и сите графити со навредлива содржина, кои промовираат говор на омраза, верска и етничка нетолеранција.