Во Центар: Атомизер ќе ги фаќа нечистотиите во воздухот и со засладувачи ќе ги лепи за почвата

Општина Центар го тестира новиот аеросолен метод во борбата против аерозагадувањето кое е енормно особено во овие зимски денови.

– Загадувањето на животната средина е повеќедецениски проблем кој е присутен во сите поголеми урбани општини во цела држава. Во Општина Центар ја применивме аеросолната метода која важи за еден од најлесните и најефикасни начини за справување со загадувањето. Апликацијата се врши со ситни капки вода збогатена со специјализирани засладувачи од околу 100 до 500 капки на квадратен сантиметар – објаснува градоначалникот Саша Богдановиќ.

Атомизерот работи на начин на кој се зафаќаат сите нечистотии во воздухот и потоа гравитациски паѓаат на подлогата. За да не се кренат пак во воздухот, се ставаат разни засладувачи (прехранбени) во мали дози.

Експертите сметаат дека на тој начин загадувањето може да се намали и до 65 проценти. При тоа, се користи адаптиран турбоатомизер со пет комори, додадена регулација и 12 прскачи, кој е влечен од трактор со влечна моќ од 40 до 50 киловати. Движењето на тракторот со турбо атомизерот е со работна брзина од 7 до 8 километри на час. Тој е оспособен да работи во секакви временски услови.

– Со ова сакаме да видиме дали оваа метода би била успешна за понатамошна употреба во општината – вели Богдановиќ и додава дека тогаш кога загадувањето во градот е поголемо, ефектите од овој метод се посилни и по апликацијата се добива намалување на загадувањето на воздухот до 70%.

Станува збор за една од краторочните мерки  за намалување на загадувањето која е потполно валидна. Аеросолниот метод се примени на улицата „Орце Николов“ во општина Центар, а како што истакна Богдановиќ, од резултатите по извршеното прскање ќе се види дали континуирано ќе се применува во општината Центар.

Инаку, овој метод може да се применува во зима за намалување на ПМ загадувањето, но и во лето за намалување на приземниот озон. Овој метод е испробан и на територијата на општина Аеродром и Куманово.

(А.П.) за Вечер