Во Берлин проекција на The Hip – Reality Overdrive од Јане Алтипармаков

Филмот The Hip – Reality Overdrive на режисерот Јане Алтипармаков вечер ќе биде прикажан во Прима Центарот во Берлин.

Направен според идеја на Љубиша Петрушевски, филмот претставува колаж на влијанија од литературата, филмот, сликарството, но и вид внатрешно патување. Камерата е на Наташа Гелева, за монтажата се задолжени Владимир Петровски Картер, Дарко Стефановски, Димитар Илиевски, а учествуваат The Hip, Ања Илиева и Сања Костовска, пишува МИА.

Проектот е во издание на ПМГ Рекордингс.

- Станува збор за визуелен ремикс на музиката на кумановскиот алтернативен бенд The Hip. На друго ниво, пак, се работи за себеиспитување, самоанализа, себепронаоѓање, кулминација на сензациите, естетски омаж, уживање во уметноста, вели Алтипармаков кој освен со режија, се занимава и со критика и диџејство.

Јане Алтипармаков е автор на неколку музички видео спотови, краткометражни и документарни филмови. Дел е и од авторската екипа на омнибусот Скопје Ремикс, кој ја доби специјалната награда за иновативност на Фестивалот на балкански филм во Поградец, Република Албанија. Неговите авторски дела се прикажувани на повеќе фестивали кај нас и во светот. Моментно работи на вториот дел од проектот за The Hip, а учествува и како асистент режисер на шведскиот филм Затнати Усти во режија и сценарио на Карл Абрахамсон, чија премиера се очекува во 2016 година.

Проекцијата на The Hip – Reality Overdrive е закажана за  20 часот.