Внимавајте: Скокањето од платформите на плажите може да биде многу опасно

Платформите се еден од најатрактивните и најпопуларните трендови карактеристични за многу плажи низ нашата земја. Изградени директно над водата овозможуваат вистинско уживање и релаксирање во топлите летни денови. Но, за жал, ова се и деловите на плажите кои несовесните капачи најчесто ги користат за изведување на скокови кои во најдобар случај можат да ги вознемират посетителите, а во најлошото сценарио да доведат до трагични и несакани последици.

Препораките од самите угостители и концесионери се јасни, скокањето од платформите е строго забрането! На самите платформи можат да се забележат и големи информативни табли на кои јасно е потенцирано дека ваквото однесување е забрането. Тука се и спасителите на вода кои постојано апелираат на совесно однесување кое подразбира капење со влез во вода исклучиво од соодветно изградените скали на краевите од платформите.

Иако навидум може да ви изгледа сигурно, атрактивно и забавно, дали сте се запрашале кои се најголемите опасности од „дозволувањето“ на еден ваков предизвик?

1. Директен скок во вода – шок за организмот!

При подолготрајна изложеност на сонце и директен скок во вода ги предизвикувате опасностите кои можат да настанат како последица од температурната разлика. Температурната разлика води кон неочекуван психички и физички шок на човечкиот организам кој може да се манифестира со пореметување на работата на виталните органи. Во овој случај „најдоброто сценарио“ најчесто резултира со грчење на мускулите, а најлошото со срцев или мозочен удар.

2. Скокање во услови на ветер и бранови – намалена видливост!

Неповолните временски услови можат да резултираат со заматување на водата и намалена видливост која е особено опасна појава затоа што се губи ориентацијата за длабочината, но и конфигурацијата на дното.

3. Несигурно изведен скок – опасност од мала длабочина и удар!

Несигурно или неправилно изведен скок на мала длабочина може да доведе до сериозни повреди на `рбетниот столб, па дури и состојби на бесознание кои се критични по здравјето и животот. Малата длабочина е најчестата причина за удар на дното по скокањето и сериозни повреди од траен, доживотен карактер.

4. Популарниот „скок со залет“ – можност за повреди при удар на други капачи!

Атрактивните скокови од далечина можат да ја загрозат безбедноста на совесните капачи кои пливаат во непосредна близина на платформите. Директното скокање може да доведе до удар и добивање на полесни, но и тешки телесни повреди кои можат да создадат голема болка, паника и можност за давење.

5. Скокање под дејство на алкохол

Многу од посетителите не се рамнодушни на алкохолните освежителни пијалоци во текот на денот. Но, голем дел од нив по консумирањето се одлучуваат и на акробатски скокови со директен влез во водата. Во овој случај не станува збор само за опасноста од дехидрација на телото, туку од загрозувачки карактер можат да бидат и значително намалените психички и моторни способности.

Почитувајте ги препораките на службите за безбедност на вода и информативните табли поставени од страна на угостителите и допридонесете во колективното подигнување на свеста за безбеден престој во и покрај водените површини.