Внимавајте, паѓаат парчиња од фасада!

Низ Скопје има многу стари објекти, кои го преживеале земјотресот или се стари по неколку десетици години. Голем дел од нив не се никогаш реконструирани или пак не се води адекватна грижа за нив. Фасадата и кровните конструкции на објектите при оштетување од временските прилики паѓаат директно на тротоарите каде поминуваат луѓе. На неколку места во Скопје може да се забележат пролази кои луѓето едноставно ги одбегнуваат бидејќи не сакаат да ризикуваат нешто да им падне врз глава.

На улицата „Орце Николов“ во Дебар Маало, во зградата во која се наоѓа канцеларијата на Првиот Скопски Извиднички одред кровната конструкција буквално виси врз тротоарот на висина од повеќе од 10 метри. Освен тоа што пешаците ја одбегнуваат, ретко кој сака да ризикува и да го остави автомобилот. Прашање на време е кога некое парче од кровот ќе слета директно на тротоарот.Проблем се и фасадите на Градскиот ѕид. При малку поголемо невреме, односно силен ветер, ситните плочки од кои е направена фасадата на блоковите и кулите од Градски ѕид почнуваат да се ронат.

Иако се ситни, сепак мора да се има на ум дека паѓаат од висина од повеќе од 50 метри во слободен пад. Во скоро време не се регистрирани несреќи од ваков вид, но дефинитивно е потребно градските или општинските служби да се активираат по ова прашање. На ниво на локална самоуправа, најверојатно постои служба која се занимава со проценка на безбедноста на одреден објект. Покрај објектите во кои живеат луѓе, има и извесен број на објекти кои се напуштени и во кои засолниште наоѓаат бездомници. Тие објекти се руинирани и небезбедни, а сепак влезот во нив е практично дозволен.