Внимавајте на автопатот Скопје- Тетово: Kучиња скитници излегуваат на патот и предизвикуваат сообраќајки

Само во текот на овие два дена на патот Скопје-Гостивар се случиле две сообраќајки кои биле предизвикани од кучиња скитници.

Три сообраќајни несреќи поради необезбедени услови на патот се случиле деновиве на автопатот и на регионалниот пат Тетово-Скопје.

Две од несреќите биле предизвикани од кучиња скитници на автопатот, а една од ударна дупка на регионалниот пат од овој патен правец. Освен материјална штета, во нив нема повредено лица.

Најголема штета е причинета откако автомобил „фиат пунто“ со гостиварски регистарски таблички, управуван од А.Н. (34) од Гостивар, околу 6 часот на автопатот Тетово-Скопје, во непосредна близина на Карпалак, налетал, удрил и усмртил куче. Од удирањето немало повредени во возилото, а била причинета материјална штета, која се проценува на 30 илјади денари.

На истиот автопат, но во непосредна близина на Добарскиот надвозник, куче предизвикало сообраќајна несреќа. Во кучето удрило „ауди А4“ со кичевски регистарски таблички, кое го управувал 27-годишниот А.Т. (27) од Кичево.

Во несреќата нема повредени лица и причинета е само материјална штета, која се проценува на 5.000 денари.

Според досегашните информации, причина за несреќите е необезбеден коловоз што овозможил неконтролирано движење на животните. 

Според полициските податоци, минатата година на подрачјето на СВР-Тетово се случиле вкупно 118 сообраќајни несреќи поради необезбедени услови на патот. Најголемиот број од нив биле предизвикани од животни, пред сè од кучиња скитници и од дупки или оштетувања на коловозот, а според местото најмногу се случиле на автопатот Гостивар-Тетово-Скопје.