Внимавајте ! Мало невнимание предизвикува голем пожар

Минатото лето беше неславно кога се во прашање пожарите не само во градот туку и низ територијата на целата држава. Запалени домови, тревници, автомобили па дури и цели шуми и планини ја брануваа јавноста речиси цела година. Често гореа и дивите депонии на периферијата. Високите температури се додатна причина повеќе да се внимава кога се во прашање пожарите. Кога се во прашање домовите, корисниците преку лето треба да бидат особено внимателни со електричните апарати, со каблите и со многу други уреди во домот. Преоптоварен кабел беше причина за пожарот на зградата во Кисела Вода, како и во станот во една од зградите спроти поликлиниката „Јане Сандански“. Кабелот бил ставен зад шестоседот, а бил повеќекратно вклучен со големи потрошувачи, меѓу кои и кварцна печка. Два стана во зградите зад „Просветно дело“, доколку не пријавеле соседите мирис на изгорена жица, ќе биле пеплосани, затоа што сопствениците ги оставиле клима-уредите оставени да работат за да им бидат становите изладени кога ќе се вратат дома.

– Граѓаните мора да бидат внимателни и со електричните апарати, пред да излезат од домот да проверат дали се тие исклучени. Особено мора да се внимателни со продолжните кабли, ако се обични да не ги преоптоваруваат со вклучување на два или повеќе големи потрошувачи, доколку не се предвидени за тоа. Тие често се причина за опожарување, како и заборавена пегла или електричен шпорет. Во овој период граѓаните треба да внимаваат да не ги оставаат полначите за телефон на електричните кабли, доколку не се дома. Се случувало да изгори нечиј дом токму поради заборавен полнач што се запалил. Само од искрите од полначот лесно може да се запалат креветите, постелнината, завесите и сѐ друго во домот. Токму затоа апелираме да не се оставаат вклучени овие апарати. Заборавениот бојлер исто така е опасна работа, затоа што може да предизвика опасна експлозија – информира Владимир Симоновски, командант на скопската противпожарна бригада.

Искуствата на пожарникарите покажале дека причина за пожар биле и запалките во автомобилите, кои претставуваат плински уреди од кои потоа лесно може да се запали контролната табла на возилото, која е претежно од пластика што лесно гори. Луѓето што постојано се борат со огнот апелираат до граѓаните да ги проверуваат плинските боци што ги користат, односно вентилите на боците, бидејќи ако тие дишат, значи пропуштаат плин, кој е опасно запалив.

Пожарникарите велат дека граѓаните се најневнимателни при фрлањето догорчиња од цигари, а најчесто од автомобил во возење по автопатиштата. Тогаш најмногу се палат стрништата и тревниците, а таквите пожари лесно можат да голтнат и други површини, дури и објекти.