ВНИМАТЕЛНО: Ни продаваат слатки со мувла и засмрдено месо

Поплаки за метал и пластика во леб и чоколатца со мусли, мувла на слатки и леб во слаткарници и во бурекчилници, поминат рок на употреба на сирење и млечни производи, засмрдено месо во месарници, се дел од поденесените претставки до Агенцијата за храна.

Во Агенцијата велат дека од вкупниот број поднесени жалби, најмногубројни се за рестораните и сендвичарниците, но и за популарните „ланч барови“. Граѓаните овде најмногу се сомневале на тотална нехигиена при подготовка на храната и постојна опасност од труење ако ја изедат.

Лани биле поднесени 316 претставки од граѓаните до Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ). Од нив, 144 или 46 проценти биле основани, а 172 или 54 проценти се неосновани. Во Агенцијата велат дека најголем број од претставките или 190 се однесуваат на храната од неживотинско потекло, а 36 претставки, односно 11 проценти биле претставки за храна од животинско потекло. Лани само 90 претставки, односно 29 проценти од поднесените се однесуваат на прашања од здравствената заштита и благосостојбата на животните.

По основ на постапените претставки од страна на инспекциските служби,инспекторите донесоа 40 решенија, спроведоа 19 едукации, наплатија 10 глоби и уништија 7.440 килограми небезбедна храна. Исто така поднесени се 2 прекршочни пријави.