ВМРО-ДПМНЕ објави уште четворица кандидати за градоначалници, Трајановски и официјално за Скопје

ВМРО-ДПМНЕ денеска на прес-конференција објави уште четворица кандидати за градоначалници на престојните локални избори.

Генералниот секретар на партијата, Христијан Мицкоски истакна дека ВМРО-ДПМНЕ ја нуди својата кадровска и програмска понуда пред граѓаните.

-ВМРО-ДПМНЕ е опцијата која подготвува најдобра програмска и најдобра персонална понуда за кандидати за градоначалници и советници за претстојните локални избори. Тоа е гаранција за успех и нова убедлива победа на претстојните локални избори. Тоа е резултат на нашиот долгогодишен принцип за заеднички пристап кон лоцирање и решавање на потребите на граѓаните о единиците на локалната самоуправа. Tоа е белегот на нашата работа. Истовремено граѓаните во овие 100 дена можеа да се уверат во целокупната лицемерност и неспособност на Социјал-демократскиот сојуз и господинот Зоран Заев. За овие 100 дена граѓаните ја видоа катастрофалната пракса на Зоран Заев од работењето во Струмица, изобилува со непотизам и матни зделки кои се пресликуваат и на централно ниво. Граѓаните не сакаат тоа да го видат во својата општина и затоа убедливо ќе ја казнат штетната, противправна и деструктивна политика на Социјал-демократскиот сојуз, истакна Мицкоски.

Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ на извршниот комитет му ги предложи следниве кандидати за градоначалници:

-За Град Скопје, актуелниот и досега најуспешниот градоначалник Коце Трајановски. Неговите успеси и работа се видливи насекаде низ градот Скопје. Благодарение на посветената работа на Трајановски се изградија и проширија редица булевари и улици, се подигнаа нови зелени појаси, паркови и велосипедски патеки. Изградена е водоводна мрежа од отприлика 82 километри. Се изградија нови плоштади, се изградија и реконструираа детски градинки и училишта. Овие и уште огромен број на проекти кој Трајановски ги направи во главниот град, придонесоа Скопје да прерасне вовистинска метропола која сега е поставена на мапата на туристички дестинации и која годишно е посетена од десетици илјади странски туристи.

-За општина Росоман, актуелниот градоначалник Стојанче Лазов. Тој со голем дел реализирани проекти ја оправда довербата.

-За општина Гази Баба, градоначалникот Тони Трајковски кој зад себе има многу дела. Изградени се преку 82 патишта со должина од околу 98 километри. Изградени се 11 километри водоводна мрежа, изградени и реконструирани се градинки, спортски сали и низа други проекти.

-За општина Дебар е предложен доктор Драган Клопчевски, угледен и почитуван граѓанин од сите жители на општина Дебар.

-Овие кандидати како и досега промовираните кандидати се потврда на нашиот приоритет и понатаму да работиме посветено на континуираниот развој на општините и квалитетот на живеење на граѓаните. Тие ќе бидат тимот кој ќе продолжи да гради нови улици, училишта, градинки, локални патишта, да ја подобрува комуналната услуга, да изгради нова инфраструктура и пред се да биде подобар сервис за потребите и барањата на граѓаните. Граѓаните ги гледаат делата и врз основа на нив мудро ја даваат својата поддршка. Овие избори покрај тоа што ќе бидат избори на локалната власт истовремено ќе бидат и казна за штетната и погубна политика која Социјал-демократскиот сојуз ја почна и ја спроведува во овие сто дена, а која јасно покаже дека ја води државата во погрешен и погубен правец. Поради катастрофата која ја прави Социјал-демократскиот сојуз општините добиваат 8% помалку од средствата од ДДВ, поради катастрофата во економијата која ја прави Социјал-демократскиот сојуз се намалува просечната плата, а трошоците за живот и цените растат, поради катастрофата во економијата која ја прави Социјал-демократскиот сојуз паѓа индустриското производство, а бизнисите на господата Заеви и на Анѓушев растат. Граѓаните ќе застанат на патот на оваа катастрофа уште сега на овие локални избори и со тоа ќе навестат пад на оваа штетна влада на Социјал-демократскиот сојуз на следните брзи предвремени парламентарни избори, заклучи Мицкоски.