ВМРО-ДПМНЕ: Наместо да ги руши галиите, Шилегов да ги даде парите за Универзална сала

Иронијата на Шилегов и СДСМ ги руши сите рекорди, изјави денеска Ирена Попова од ВМРО-ДПМНЕ, советник во Советот на Град Скопје.

„Шилегов изјави дека оваа година воопшто нема да се почне реконструкцијата на Универзалната сала, не биле предвидени средства за 2018 година поради недостиг на финансиски средства. Пред само неколку дена истиот Шилегов изјави дека рушењето на галиите и други објекти од речното корито ќе го чини градот Скопје, ни помалку ни повеќе 8 милиони евра. Притоа, за изградба на галиите не е инвестирано од градот Скопје ниту едно евро, се работи за приватни инвеститори“, истакна Попова.

Како што рече таа, со ваквото непромислено трошење на 8 милиони евра за рушење на веќе изградено, а немање средства за реконструирање на симболот на градот, Универзалната сала, Шилегов и СДСМ само потврдуваат дека работат за исполнување на своите лични хирови, а не работат за граѓаните и нивните потреби.

„Затоа му порачуваме на Шилегов парите за рушење на галиите да ги пренамени за реконструкција на Универзалната сала. Со 8-те милиони евра кои Шилегов ќе ги даде за рушење на галиите ќе може 2 пати да ја реконструира Универзалната сала, за која веќе има подготвен проект од градежниот институт на Македонија“, рече Попова.

Таа воедно потсети дека средствата за почнување етапна реконструкција биле обезбедени и претходно со bуџетот во 2017 година, но СДСМ со ребалансот ги укинал.