Влатко Стефановски вечерва ќе одржи и трета промоција на својот прв акустичен соло албум “Мајчин јазик”

По концертите на 17 и 18 март познатиот македонски музичар, гитаристот Влатко Стефановски вечерва (20 март) во Македонската филхармонија ќе одржи и трета промоција на својот прв акустичен соло албум “Мајчин јазик”.

Овој музички настан кој предизвика големо внимание во јавноста и третата вечер ќе ја потсети публиката на добро познатите македонски песни. Стефановски се очекува и вечерва да ги изведе композициите и од другите свои солистички албуми, како и од опусот на „Леб и сол“.

Така публиката ќе има можност да ги слушне добро познатите “Зошто си ме мајко родила” (која им ја посветил на Есма и Стево Теодосиевски), “Огреала месечина”, “Успаванка за Радмилу М” – композиција за истоимениот албум на “Бијело дугме” за која рече е настаната во Скопје како минујатура за две гитари, Касапско оро и 13-осминското Пелистерско оро, Калајџиско оро, Јовано, Јованке…

Гости на музичкиот настан се “Љубојна”, српската етно-пејачка Биља Крстиќ и сопранистката Весна Гиновска-Илкова.

Албумот е снимен во само неколку дена минатата пролет во Скопје, а за регионот го објави “Кроација рекордс” од Загреб. Хрватската промоција ќе биде на 17 април во “Лисински”. Во Белград Стефановски ќе настапи на 2 април, а му претстојат концерти и во Софија, Благоевград и Виена