Владата подготвена за преговорите кои ги очекува во октомри, ќе работи на активно вклучување на опозицијата

Преговарачката структура за пристапување во Европската Унија е утврдена, а Владата ги разгледува модалитетите во процесот активно да бидат вклучени и опозицијата и невладиниот сектор.

Носител на преговорите ќе биде администрацијата, а Секретаријатот за европски прашања се трансформира во Секретаријат за преговори со ЕУ. Илјадници луѓе се очекува да бидат вклучени во преговарачкиот процес, во работните групи ќе бидат вклучени луѓе од повеќе институции, а во моментот кога ќе почнат преговорите целата администрација ќе биде ставена во состојба на готовност.

Очекувањата на Владата се дека Северна Македонија во октомври ќе ги почне преговорите за членство со ЕУ. Активно се работи со сите земји-членки, вклучително и со оние кои изразија скептицизам за натамошното проширување, со цел во октомври конечно да ги почнеме преговорите.

Вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи и главниот технички преговарач Бојан Маричиќ вчера на брифинг со новинарите ја појаснија структурата на преговорите со Унијата.

Самиот преговарачки процес има неколку фази – Првата е објаснувачкиот скрининг, кој обично почнува од денот на почнување на преговорите, а во земјава веќе трае една година втората се т.н. билатерален скрининг, а крајната е отворањето на преговорите.

-Тоа значи дека и покрај сите дилеми и очекувањата дека во јуни 2018 ние не започнавме преговори, ние неколку месеци подоцна го почнавме. Така што од јуни 2018 до денес, ние не изгубивме ниту еден ден во преговарачкиот процес, бидејќи мора да се помине периодот на објаснувачки скрининг, рече Османи. Во објаснувачкиот скрининг досега се поминати две третини од поглавјата.

Чадор тело во преговорите е Координативното тело кое функционира во рамки на Владата. Тоа се состанува пред меѓувладината конференција. Второто тело е државната делегација, која е носител на преговорите, таа ги презентира преговарачките позиции што ги утврдува Владата на предлог на Кородинативното тело и ги презентра на самата меѓувладина конференција. Тука е и Работната група за преговори, тоа е „пешадијата“ што ќе ги води преговорите на техничко ниво и ќе ја раководи главниот технички преговарач. Вклучен е и Секретаријатот на преговарчката група – а тоа е СЕП, што од завчера се трансформира во Секретаријат за преговори и ќе биде во служба на Работната група, на државната делегација, на Коорднативното тело, рече Османи. Канцеларијата на главниот технички преговарач ќе биде во служба на Работната група и ќе има две одделенија – едното во Скопје, а другото во Брисел.

-Многу важен чинител ќе бидат и невладините организации. Се уште се разгледува моделот на нивно вклучување, дали да бидат внатре во процесот во работните групи или надвор од процесот каде што ќе можат да го надгледуваат процесот. И кај нив постои дилемата дали да бидат внатре или надвор, рече Османи.

Во однос на опозицијата, појасни дека ќе и бидат понудени важни позиции во преговарачката структура, бидејќи, како што рече, овој процес не е на Владата и не може да се држи ексклузивност и важно е сите чинители уште во старт на самиот концепт да бидат вклучени.

-Покоректно ќе биде доколку на опозицијата и понудиме да биде дел од работните позиции, како невладините организации, да имаат претставници во секоја работна група и заедно со нас да го изодат патот. Останува до нив да кажат која опција ја преферираат, додаде Османи.

Главниот технички преговарач Бојан Маричиќ рече дека во моментот кога ќе бидат донесени одлуките за почеток на преговорите веднаш ќе треба да се започне формална комуникација, иако и сега има преку објаснувачките скринизи, треба да се подготвува и преговарачката рамка за поглавјето 23 и 34 и формален почеток и подготовка на меѓувладината конференција.

Владата е во тесна комуникација со сите земји-членки до одлуката во октомври со цел да се отстрани и послената доза скептицизам во однос на добробитта од проширувањето и неговата важност за стабилноста на регионот и на цела Европа.

-РСМ ги има исполнето барањата на земјите-членки за започнување преговори. Важно е да се надмине оваа техничка пречка на Бундестагот, ги разгледуваме и датумите на седниците на Бундестагот, за да ја вклопат и нашата тема за да се разгледа, додека со Франција работиме како што работиме со сите членки за да понудиме аргументи дека ако некоја земја-членка заслужува преговори, тоа е Република Северна Македонија, рече Османи.

Претседателот Стево Пендаровски вчера во интерју за Телевизијата N1 истакна дека е свесен оти Европската унија се бави сама со себе, но дека таа мора да знае дека ние на Балканот сме 30 години во транзиција и мораме да видиме светло на крајот од тунелот. Тој со очекување дека Северна Македонија наесен ќе ги почне пристапните преговори за членство со ЕУ.

-Објективно сите ние во Северна Македонија сме малку разочарани од тоа двојно говорење од страна на Европската унија како целина. Минатата година во Софија на Самитот, ние имаме чиста, кристална формулација дека Република Северна Македонија и Албанија ќе почнат преговори, односно ќе добијат датум за преговори во јуни 2019 година. Тоа не се случи. Ние сме уверувани од највисоките германски официјални лица дека тоа е само техничко одлагање на процесот и ние тоа го прифаќаме. Ќе чекаме на септемвриската одлука на германскиот Бундестаг и на октомвриската на целата Европска унија. Меѓутоа, го поставуваме прашањето – што ако во меѓувреме некој друг Парламент исто, од технички причини, го одолговлече процесот, бидејќи таму имате одлучување на принцип на консензус. Една држава е доволно да каже не и ние имаме повторно одлложување, вели претседателот Пендаровски.

И додека власта работи на целосна подготва на процесот на преговори и го поддржува заокружувањето на членството во НАТО и почеток на преговори со Унијата, опозициската ВМРО-ДПМНЕ и другите помали опозициски партии од албанскиот блок би оделе веднаш на предвремени парламентарни избори.

Пратеникот Артан Груби денеска изјави дека ДУИ смета оти предвремени парламентарни избори оваа година не треба да има, бидејќи прво треба да се заокружи процесот на евроатлантка интеграција.

Пратеникот Костадин Костадинов, кој воедно е и портпарол на СДСМ, го повтори ставот на владејачката партија дека останува посветена на реформите, влезот во НАТО и добивањето датум за преговори за членство во ЕУ.

За Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ на сите им е јасно дека мандатот на оваа Влада е веќе завршен и оти најдобра солуција за земјава се предвремени избори.За предвремени избори се изјаснија и Алијансата на Албанците и БЕСА.