Владата објави итни мерки за справување со загадувањето

Од денес, доколку во наредните два дена прагот на ПМ10 честиците во воздухот ја надминуваат границата на најмалку две мерни станици во Скопје, ќе се практикуваат итни мерки донесени од Интервентната акциска група за борба против загадувањето на воздухот, составена претставници од Кабинетот на премиерот Заев, Министерството за животна средина и Град Скопје, информираше денеска портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски.

Дел од мерките кои Бошњаковски ги соопшти вклучуваат Министерството за животна средина и Министерството за здравство да ги ослободат од работни обврски бремените жени, луѓето со хронична астма, луѓето со прележан мозочен или срцев удар и да го реорганизираат работното време.

Воедно во таква ситуација ќе се забранат и спортските активности кои се играат на отворено.

Владата и наложува на локалната самоуправа да ја намали цената на градскиот превоз, како поттик за граѓаните да користат јавен превоз, а воедно да обезбеди и бесплатен јавен превоз. Автобусите на ЈСП пак, ќе треба да ја зголемат фреквенцијата на сообраќање.

Според мерките, улиците и пешачките зони ќе треба да се перат секојдневно, а државните институции ќе ги зголемат инспекциите на градилиштата.

Градежните компании ќе бидат задолжени да користат повеќе вода и да ги мијат гумите при влез и излез на возилата од градилиштата, а тешките машини како багерите и виљушкарите до градилиштата ќе мора да бидат максимум до 7.30 наутро.

Во ваков итен случај Владата ќе ги задолжи сите органи на државата да ја ограничат употребата на службените возила на 50 проценти, потенцираше владиниот портпарол.

Тој дополни дека, властите дополнително ја разгледуваат можноста за набавка на опрема за лична заштита од загадениот воздух, односно маски со филтри за сите училишта, здравствени центри и градинките