Владата не ги есапи архитектите и по јавното укажување Клинички да биде на друга локација

Нема поместување во однос на изборот на локацијата за новиот клинички центар, дури ни по јавно искажаниот став на Асоцијацијата на архитектите на Македонија (ААМ) дека тој не треба да се гради на истото место.

Ниту Владата ниту Министерството за здравство не ги побарало архитектите кои пред точно една недела револтирани од игнорантскиот однос на Владата организираа прес-конференцијата за јавно да го кажат ставот на фелата.

„Истата пракса продолжува. Никој не нè побара по пресот. Стручно мислење во однос на новиот клинички центар сè уште не сме дале иако и јавно ги повикавме да побараат и апелиравме активно да ја вклучат архитектонската фела при креирањето на јавните политики кои се однесуваат на архитектурата и урбанизмот“, изјави Мартин Пановски, претседател на Асоцијацијата на архитектите на Македонија, за „Макфакс“.

Тој вели дека ќе останат на ставот да не им испраќаат сами мислење оти сакаат да ја сменат таквата пракса.

Од Владата најавуваат дека во носењето на одуката ќе ги вклучат сите експерти.

„Препораките на експертите од Централната банка на Европската комисија беа неодамна разгледани на владина седница. Како што веќе најави Владата, до крајот на февруари ќе се донесе конечна одлука каде ќе се гради, а во процесот на носење на одлуката ќе бидат консултирани експерти од сите области“, рече Миле Бошњаковски, портпарол на Владата.

Голем дел од фелата смета дека односот што кон нив го имаше експремиерот Никола Груевски продолжува да го практикува и Владата на сегашниот премиер Зоран Заев оти не само за клинички центар туку за сите други зафати не се консултирани како стручни лица.

Асоцијацијата на архитектите на Македонија минатата недела образложи дека да се разгледува сегашната локација за реизградба на Клиничкиот центар, имајќи го предвид сегашниот сообраќаен хаос кој само ќе расте, е беспредметно. Изборот на оваа локација, според архитектите, ќе направи непоправлива штета на здравството во Република Македонија, на здравјето на граѓаните, а ќе направи и урбанистичка и еколошка штета на градот кој веќе две децении е поле на градежно изживување.

Архитектите тврдат дека доколку Владата реши да го гради Клиничкиот центар на постојната локација, ќе направи грешка, која во иднина ќе чини многу повеќе од најавените 5,5 милиони евра за раскинување на договорот и таа грешка ќе биде тешко поправлива.

Нивниот став е дека новиот клинички центар треба да се гради во Карпош, во близина на селото Бардовци, локација за која урбанистичката документација за Скопје од последните две децении покажува дека е најсоодветна, а Европската инвестициска банка финансирала и физибилити-студија за дислокацијата.

Договорот за изградба на новиот клинички центар го потпиша поранешниот министер за здравство Никола Тодоров лани во мај непосредно пред да се смени власта. Во рок од 45 месеци конзорциумот на компаниите „Гранит“, „Бетон“ и италијанската „ИНСО-системи“ за 72 милиона евра доби обврска да го изгради новиот клинички центар. Но, по смената на власта, изградбата не почна, туку проектот беше стопиран, а новата Влада најави дека ќе го преиспита. Премиерот Заев во последното обраќање во парламентот објасни дека ако се менува локацијата поради веќе склучениот договор, државата ќе треба да плати пенали од 5,5 милиони евра, а изградбата на центарот во близина на селото Бардовци би чинела меѓу 450 и 500 милиони евра.