Владата ќе субвенционира производство на струја од сончева енергија

Владата ќе субвенционира производство на струја од сончева енергија.

Во првата фаза ќе се распише тендер за изградба на фотоволтаични панели на две локации на државно земјиште кај Македонски Брод и Свети Николе, а ќе може да се гради и на приватно земјиште за понудувачите што ќе го обезбедат. Државата ќе го поддржи производството со таканаречен „премиум“ на годишно ниво кој се очекува да биде под 10 евра за произведен мегават час.

Вицепремиерот Кочо Анѓушев најави едноставни услови за учесниците на тендерот. Рече дека ќе победи оној што ќе побара најнизок „премиум“ односно поддршка од државата која, пак, ќе ги реши техничките и урбанистичките прашања за инвеститорите да можат да се фокусираат на што поскоро производство, а не на административните проблеми.

Сега во земјава од сончева енергија се произведуваат 18,4 мегават часови струја, а со програмата за изградба на новите фотоволтаични централи се очекува до крајот на 2021 година да се произведуваат 200 мегават часови електрична енергија. Државата би трошела по три до четири милиони евра годишно за субвенции.

„Државата ќе го додели земјиштето на долгорочен закуп, државата ќе го реши проблемот со урбанизацијата и државата ќе преговара со операторот на дистрибутивната мрежа. После потпишувањето на договорот единсвена обврска на инвеститорот ќе биде да си направи основен проект, не е тоа комплицирано, да направи некаков еколошки елаборат, тоа исто така оди брзо, ќе му требаат два – три месеци, во меѓувреме може да ја набави опремата, и тој може за шест месеци да го заврши проекот доколку е добро организиран“, рече  Кочо Анѓушев – вицепремиер за економски прашања.