Вистинскиот маж е оној со кој можеш заедно да го преместиш каучот и да печеш колачи...

Мојот брат и јас имаме исти родители. Истата баба нѐ чувала, хранела, се грижела за нас. Растевме во исти околности. И како е возможно истите тие околности од нас да направат толку различни личности? Тој е традиционален и патријахален, јас сум сосема спротивното на тоа. Јас немам ништо против традицијата. Не сум од оние жени кои се гордеат со тоа што не знаат да чистат и готват. Не сум од оние кои форсираат феминизам. И сакам мажи. И мислам дека е многу важно покрај себе да имаш маж со кого заедно ќе правите сѐ. И ќе преместувате каучи и ќе печете колачи. 

Мојот брат е пример за маж од кого мене ми се крева косата на глава. Оној кој мисли дека нему му припаѓа сѐ. Затоа што е маж. Брат. Син. Внук. И има многу такви мажи. Премногу. Има многу жени кои мислат дека треба да бидат слугинки. И не ми превртувајте со очи. Ако сте се откажале од сѐ што вие сте сакале само за да му задоволите, тогаш вие сте му се потчиниле. И нема ништо лошо во тоа да направиш нешто за човекот кој го сакаш, проблемот е во начинот на кој се прави тоа. 

Ако ти правиш некоја работа која е важна за некоја ваша заедничка цел, а тој бара од тебе да го оставиш на мир затоа што сака да пие пиво пред телевизор, тоа е балканизам од најлошиот вид. И зошто мажите мислат дека се повредни од жените? Зошто секоја нивна работа е позначајна? Никогаш не би можела да сакам маж кој мисли дека сум помалку вредна и дека морам да оставам сѐ само затоа што него му треба нешто. Никогаш не би барала од мажот да ме сака на тој начин. Никогаш не сум мислела дека на мажот му припаѓа нешто повеќе само затоа што е маж. 

Многу е глупаво да се смалуваме енди со други. Толку е глупаво кога можеме да бидеме партнери. Толку е глупаво жената да биде сведена на машина за раѓање и растење деца. Уште е поглупаво кога жените самите се сведуваат на тоа. И тажно е. 

Не знам каков е тој инает во мене кој вришти секојпат кога некој се обидува да ме сведе на нешто, да ме ограничи и да ме намали. 

Не сум за ниту еден вид на крајност. Ниту онаа во која жените пропагираат дека маж не им треба. Ниту онаа во која жената се гледа како некое пониско битие само затоа што е жена. И ова не е некакво кукање за моите права, само една заклучок од она што го гледам. 

Не треба општеството да се бори за моите права, затоа што јас самата го правам тоа секој ден. Во својот микросвемир. И тоа е она што е најважно. Затоа што никој нема да те заштити ако ти самата не го направиш тоа.