Високобуџетната серија „Марко Поло“ ќе се снима во Македонија

Високобуџетната серија „Марко Поло“ ќе се снима на територијата на Македонија. Сè уште се размислува за локација, но продуцентите од американската продукција „Weinstein Company“ веќе ги посетија локациите, меѓу кои Кокино, Куклице, Пенуш кај Штип, Мариово, манастирот Трескавец итн.

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, заедно со директорката на Агенцијата за филм, Мими Ѓоргоска-Илиевска и Роберт Јазаџиски од Кавал филм-продукција, оствари средба со Ричард Шарки од Велика Британија и Џан Паоло Варани од Италија, кои изразија подготвеност следната сезона на серијата „Марко Поло“, која е еден од најамбициозните проекти на Netflix, да ja снимаат токму во Република Македонија.

Досега се снимени две сезони од по 10 епизоди кои раскажуваат за авантурите на Марко Поло, еден од најпознатите истражувачи во историјата. Снимањето се одвиваше во повеќе земји: Малезија, Унгарија, Словачка и Казахстан, a седиштето на проектот е во Малезија во студиото „Pinewood malesia studios“.

На средбата министерката за култура информираше за заложбите на Владата на Република Македонија во областа на филмската дејност и за измените на Законот за филмската дејност со кои значително е олеснета соработката со странските продукциски куќи што се заинтересирани да снимаат во Република Македонија.

Од американската продукција изјавија дека проектот сè уште е во фаза на подготовка и се пишуваат сценарија за новите 10 епизоди од третата сезона на оваа високобуџетна серија, како и барање соодветни локации на кои ќе се одвива снимањето, поради што сè уште не можат со сигурност да потврдат колку би траело снимањето во Македонија.