Високите температури може да предизвикаат сончаница и топлотен удар - еве ги симптомите!

Летната жега и тропските температури може да предизвикаат сериозни тегоби кај потполно здравите лица. Сончаницата и топлотниот удар се главните непријатели во летото. За 10-15 дена додека сме на море и додека се трудиме што повеќе да уживаме во убавините на морето, езерото или реките не знаеме колку нашиот организам е подготвен да го прифати сето тоа?

Што е сончаница?

Подолгото изложување на сонце доведува до сончаница, посебно ако тилот е директно изложен на високата температура и под дејство на сончевата топлина. Нашето тело се лади преку кардиоваскуларниот систем и преку потење. За време на големите жештини низ кожата поминува поголема количина на крв која го лади телото и така ги штити своите најважни органи, особено мозокот. При долготрајното изложување на сонце, температурата во главата се зголемува, телото настојува да го разлади мозокот со носење на ладна крв во главата, со тоа доаѓа до ширење на крвните садови на мозокот и до зголемување на неговиот волумен. Тоа делува на појава на симптоми кои се слични како кај потрес на мозокот и нималку не треба да се игнорираат. Посериозните случи на сончаница може да завршат со несвестица или во коматозна состојба.

Што треба да се направи?

Луѓето со вакви симптоми треба веднаш да се сместат во ладна или добро разладена, затемнета просторија и да се раскомотат. Постепено разладување со поливање на вода и ставање на ладни облоги со лед на тилот и главата сè додека температурата не се врати на нормала. Телесната температура треба постојано да се контролира. Треба да се дава ладен напиток, но никако кафе и алкохол. Во тешките случаи со губиток на свеста, поспаност или конфузија потребно е да се повика лекар.

Што е топлотен удар?

Топлотниот удар има многу симптоми како и сончаница, но не мора да биде последица на директно изложување на сонце. Топлотен удар може да добијат работници во пекара или во индустрија кои работат покрај печки со висока температура, кај невнимателни возачи кои се во прегреан автомобил, кампери кои спијат во лош опремен шатор или морнари кои се покрај прегреан бродски мотор. Тој настанува како резултат на нагло и прекумерно зголемување на телесната температура и неможност на организмот да ја оддржи температурата во нормални граници. Обично тоа се јавува кога има зголемена влажност во воздухот тоа го отежнува потењето, поради тоа температурата на телото постојано расте и достигнува вредност до 40 степени. Вака високата температура доведува до дисфунксција на централниот нервен систем која доведува до делириум, конвулзија или до кома. Доколку оваа состојба трае може да доведе до трајни оштетувања и невролошки пореметувања

Симптоми

• малаксаност и грчеви

• вртоглавица

• слабост, жед

• главоболка, слаб но забрзан пулс, намалено потење

• сува и црвена кожа