Високите температури и топлото време ја зголемија потрошувачката на струја

Високите температури и топлото време ја зголемија потрошувачката на струја. Од први јуни кога почнаа горештините до средината на месецов, за 20 отсто е зголемена потрошувачката во споредба со истиот период лани.

Само за 13 дена од овој месец домаќинствата потрошиле 184 000 мегават часови електрична енергија. Во просек дневно се трошеле 14 160 мегават часови однсоно за 400 мегавати повеќе во однос на овој период лани.

Најмногу струја се потрошило на 11ти месецов кога беше еден од најтоплите денови овој период, повеќе од 15 000 мегават часови.

Вицепремиерот Анѓушев деновиве информираше дека ќе се реализира предизборното ветување за враќање на дневната евтина тарифа.

-Евтината тарифа на струјата е мерка што беше во предизборната програма на владејачката партија и воедно дел од програмата на оваа влада. Беше кажано дека ќе се воведе евтина тарифа во текот на дневните часови. Вие знаете дека евтината тарифа денеска е само во недела и во текот на ноќните часови. Таа ќе биде воведена и во текот на дневните часови во период од 2 часа, како и во сабота, за која ќе важи истото како за секој друг работен ден. Односно евтината тарифа ќе се врати на истиот начин како што граѓаните на Македонија ја знаеја во претходните години, наназад со децении, најави Анѓушев.

Високите температури  ја зголемија и продажбата на клима уреди и вентилатори. Од малопродажните ланци за бела техника велат дека дневно продаваат стотина  климатизери.

Од продавниците за бела техника очекуваат догодина да има зголемување на цените за бела техника и тоа кај климатизерите поскапувањето да биде до 20 отсто а кај другите апарати за 5 %.