Вирусот ги извади советниците надвор од канцелариите или ги закова пред компјутерите

Во време кога поради ширењето на коронавирусот се забранети масовните собирања и групирања на повеќе луѓе на едно место, во скопските општини се бараат начини како може да се работи или соработува со институциите и граѓаните наместо во службените простории, конференциски сали и слични места, каде што се одржуваа состаноци, седници или други средби со повеќе учесници. Еден од новите помасовно применувани начини за работа и соработка со граѓаните е вршење на работите по електронски пат. Но некои општини можат да го користат тој начин, а други, пак, сѐ уште не создале услови за такво нешто. За некои тоа е возможно, а за други технички неизводливо.
Пред неколку дена, советниците во Општина Центар, поради донесување итни и неодложни одлуки, одржаа седница по електронски пат.

На вонредната електронска седница донесоа одлука за прераспределба на средствата од буџетот за 2020 година за нивна пренамена за комунални услуги. Како што информираа од локалната самоуправа, се одржа осмата вонредна седница, сега по електронски пат, со што беа испочитувани сите мерки и препораки од Владата и од Министерството за здравство за заштита од ковид-19. Електронска седница одржа и Комисијата за социјална и здравствена заштита на оваа скопска општина, која донесе одлука за донирање 55 милиони денари за 55 семејства од ранливите категории, кои побарале помош од општината.

– Првичното искуство со електронското водење на седницата на Советот се покажа како добро решение во оваа моментална вонредна состојба. Доколку кризните мерки и препораки на Владата и на Министерството за здравство останат во сила и доколку не се обезбедат соодветни услови за одржување на седницата во живо, електронското водење на седниците ќе продолжи и понатаму – објаснуваат од Општина Центар.
И Oпштина Карпош се подготвува за одржување онлајн-седница на Советот, во средината на месецов, за да се донесат одлуки што се важни за граѓаните и за функционирањето на локалната самоуправа.

– Овој период, откако е прогласена вонредната состојба, немаме одржано седница на Советот – велат од Карпош.
И општините Ѓорче Петров и Чаир технички се подготвени и доколку имаат потреба за итно донесување одлуки, велат дека ќе го одржат Советот по електронски пат, а некои ќе го направат тоа во живо во општинските простории.
– Откако е состојбата со вирусот ковид-19, Општина Ѓорче Петров нема одржано седница на Советот. Засега не се пројавила итна и неодложна потреба, доколку се појави, организациски сме подготвени да одговориме – велат од Ѓорче Петров.
Но за ваков начин на работа во Кисела Вода велат дека немаат донесено одлука и доколку е потребно итно свикување на седница, советниците ќе работат во општинските простории со заштитни маски и ракавици.

– Во статутот и деловникот на Општина Кисела Вода за работа на Советот на Општината не е предвидена и донесена одлука за одржување седници по електронски пат. Доколку во периодот што следува има потреба за свикување вонредна седница, истата таа ќе се одржи во салата на Советот на Општината. Седницата би се одржала во салата, поради тоа што истата таа е многу голема и ги исполнува сите потребни услови, во согласност со препораките и мерките на Владата, за заштита и превенција од вирусот ковид-19. Покрај ова, на сите присутни, за да се заштитат од можното пренесување на вирусот, ќе им биде укажано да користат средства за дезинфекција, заштитни маски и ракавици. Во салата ќе биде направена и дезинфекција – децидни се од Општина Кисела Вода.

Во Гази Баба, пак, велат дека во просториите на општината не е возможно одржување седници сега во овие услови и затоа се подготвува електронска платформа.
– Работата на Општината се одвива нормално следејќи ги препораките и наредбите од страна на Владата. Во моментов Општината работи активно во повеќе групи поделени во смени, со редуциран број на странки, а едношалтерскиот систем и архивата работат до 12 часот. Седница на Советот во согласност со потребите на Општината е возможно да се одржи, но не во просториите на Општината. ИТ-секторот разработува електронска платформа, која ќе се користи за одржување на редовните седници на Советот. Ова е во согласност со насоките на Владата и забраната за одржување настани и групирање во групи поголеми од пет лица, но пред сѐ и за безбедност на администрацијата и на членовите на Советот.

Општина Чаир е во групата на технички опремените општини со можност за одржување на е-седници на Советот и ако има потреба, велат дека таква седница ќе се одржи.
– Советот има техничка можност за одржување седници по електронски пат бидејќи сите советници поседуваат службен лаптоп на кој ги добиваат навремено потребните материјали и доколку е потребно донесување итни и неодложни одлуки, со примена на соодветната програма таква седница ќе се одржи во зависност од околностите и времетраењето на вонредната состојба – објаснуваат од Чаир.
Од Општина Бутел, пак, тврдат дека технички се подготвени за одржување седница по електронски пат, но засега велат оти нема таква иницијатива од градоначалникот Велимир Смилевски. Објаснуваат дека на последната седница одржана во живо било разговарано со Инспекторатот за локална самоуправа за тоа дали постои законска можност за одржување е-седници, од каде што им било кажано дека за одржување ваков вид седници Владата треба да донесе уредба за одлуките да имаат законска сила. И им било кажано дека според постојните закони е пропишано одржување на седниците на советите во живо.

Од помалите општини добивме информација дека е можно и таму да се обезбедат услови за вршење на работите по електронски пат, но само доколку навистина се укаже поголема потреба за таков начин на заседавање и работење.

Izvor - www. novamakedonija.com.mk