Вип носител на MAMFORCE стандардот

Вип со гордост објавува дека е првата компанија во Македонија носител на MAMFORCE стандардот што претставува признание за успешно спроведување на компаниските политики коишто ги земаат во предвид семејните потреби на вработените и овозможуваат баланс помеѓу професионалниот и приватниот живот.

“Особено сум горд што од денеска Вип се стекнува со MAMFORCE стандардот. Тоа е уште една потврда дека за нас во Вип најголемиот и највреден капитал се вработените за кои со особено внимание и посветеност работиме на креирање и спроведување внатрешни политики кои овозможуваат постигнување баланс помеѓу приватниот и професионалниот живот и дека поседуваме стандарди коишто овозможуваат на вработените најдобри услови за работа во Македонија и дека Вип е најдобро место за нивниот професионален и личен развој. Како прва компанија во земјата која се стекнува со овој стандард, се надевам дека ќе бидеме пример и поттик што ќе го следат и другите компании“, истакна Димитар Ковачевски, Извршен директор на Вип на доделувањето на MAMFORCЕ стандардот.

Процесот се спроведуваше преку ревизија во којашто се испитуваат работните услови на вработените со посебен акцент на прилагодувањето на работните услови на родителите со мали деца (работно место, работно време, дополнителни сервиси, поддршка од компанијата и колегите), можност од постепено враќање од породилното отсуство (скратено и флексибилно работно време, работа од дома, повремена работа од дома, можност за отсуство поради болест на дете), како и можност за понатамошно усовршување, напредување и родова еднаквост на највисоките управувачки позиции.

Во Вип има вкупно 1150 вработени. Просечната возраст во компанијата е 35 години што е показател дека станува збор за исклучително млад и професионален кадар регрутиран според компетенциите и професионалноста независно од верската, националната или припадноста на полот. Водејќи се според водечките принципи на компанијата, тим, доверба и агилност, Вип е компанија со висок степен на колегијална поддршка и отворена комуникација меѓу вработените, со кадар кој брзо одговара на сите предизвици на телекомуникацискиот пазар ставајќи ги секогаш корисниците на прво место.

Имплементацијата на проектот во Македонија е поддржана од Програмата за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ) на Швајцарската агенција за развој и соработка, имплементирана од Swisscontact и локалниот партнер Преда Плус. Здружението Конект е партнер и спроведувач на проектот во Македонија.