Викендов дожд, можни поплави и излевања

Времето во Македонија ќе биде облачно со врнежи од дожд. На повисоките, во западните и југозападните делови и на пониските места ќе има врнежи од дожд и снег, а на планините ќе врне само снег.

Според најавите добиени од Управата за хидрометеролошки работи, под влијание на влажна и постудена воздушна маса за време на претстојниот викенд ќе има врнежи од дожд, а на повисоките места и планините врнежи од снег.

Пообилни врнежи ќе има во јужните и југозападните делови, особено во сабота. Вкупната количина на наврнат воден талог во овие делови се очекува да надмине 30 л/м2. Границата на снежните врнежи ќе биде пониска во недела  и ќе се спушти до околу 800 мнм. На повеќе места ќе се формира снежна покривка, а на планините во западните и јужните делови позначително ќе се зголеми.

Новите врнежи дополнително ќе влијаат на водотеците и суводолиците и се очекува во текот на вечерта и ноќта сабота спрема недела да започнат нови покачувања на водостоите главно во јужните и западните делови од државата. Во сливовите каде врнежите ќе бидат од снег,  покачувањата ќе одат позабавено во однос на сливните подрачја каде врнежите ќе бидат од дожд.

Иако не се очекуваат поголеми количини на врнежи, сепак поради влажните почви и нивната мала способност да впијат поголеми количини на вода, треба да се внимава на можна појава на локални излевања на веќе познати критични места и тоа во сливовите на реките Треска (горен тек со притоките), Црна Река (горен тек со притоките), притоките на р.Радика и Црн Дрим, притоките на р.Вардар (горен тек), реките околу Баба Планина, Ниџе, Кожув, Бабуна.

Со цел навремено преземање на превентивни активности за намалување на ризиците од појава на поплави, Центарот за управување со кризи ги извести Единиците на локална самоуправа и препорача да ги задолжат јавните претпријатија и останатите субјекти во нивните општини, да бидат подготвени и да извршат проверка на сите критични места на кои е можно излевање и поплавување, да се провери состојбата со мрежата на одводните канали и на другите водни објекти на нивна територијата, со цел утврдување дали истите ја обезбедуваат потребната водопропусност за нормален  тек на водата.  Потребно е општините да ги известат и земјоделците да ги заштитат земјоделските површини на кои имаат засадено култури.

Ги потсетуваме граѓаните доколку имаат потреба да го користат бесплатниот телефонски број за итни повици на Центарот за управување со кризи – 195.