Викенд настани и забави во Скопје

Концерт, трка, кајакарски натпревар...предлог места кaде да го поминете викендот:

Kонцерт на Бијело дугме во Скопје

Најпознатиот бенд на поранешна Југославија „Бијело дугме“ в сабота, 8 април, ќе има концерт во ВИП-арената „Борис Трајковски“ во Скопје, на кој ќе настапат Горан Бреговиќ и двајца од трите вокали на групата – Младен Војичиќ-Тифа и Ален Исламовиќ. На бина ќе има околу 40 музичари – машки голем хор, виолини, тамбураши, комплетниот оркестар на Горан со труби. Песните се преаранжирани за тој голем оркестар, тука ќе изведеме и неколку изискувачки стари песни уште од времето кога пееше првиот пејач во Дугме, така што треба да се дојде и да се слушне тоа, за да просудите дали е тоа добро или не е. Белград беше доказ дека беше  успешно и дека е многу, многу добро.

Настап на Градски дувачки оркестар на Школка

На 9 април 2017 година (недела), со почеток во 13 часот, на Школка во Градскиот парк во Скопје, Градскиот дувачки оркестар, кој работи при ЈУ Младински културен центар, ќе одржи концерт. Концертот ќе трае околу еден час, a ќе биде изведена следната програма:

Здраво! (Hello – R. Cardon); На мој начин (My Way – C.Francois&J.Revaux arr. H.Eminovic), Тико-Тико (Tico – Tico – L.Abreu arr.W.L), Девојката од Ипанема (Girl from ipanema – A.C.Jobim arr. H.Eminovic), Финалното одбројување ( Final count down- J.Tempest arr. H.Eminovic), Добс Буги ( Dobs Buggy – W.Dobschin arr. W.Tuschla), Њујорк, Њујорк (New York, New York – J.Kander arr. E.Charleton); Одведи ме до месеченитата (Fly me to the moon – arr. S. Nesticos); Вчера (Yesterday – J.Lennon and P.M.McCartney arr. C.North), Караван (Caravan – D. Ellington arr. H. Eminovic; Бамболео (Bamboleo – S. Diaz arr.H.Eminovic); и Текила ( Tequila – A. Lokatelli arr. V.Platonovic).

Рециклирање на стара облека и материјали

Во недела и понеделник од 15 до 20 часот (09.04. и 10.04.), во просториите на Една може! (ул. Народен фронт бр. 5) сите заинтересирани можат да донесат облека и сите видови на материјали и платна кои не ги користат и да земат учество во настанот.

Силните имагинации на неколку наши дизајнерки, ќе ги насочат вештите раце на сингл мајките и ќе создаваме неодоливи парчиња кои ќе имаат специјално место во вашите плакари. Но радоста ќе биде и во нивната соодветна практична намена, зошто ќе ја говорат приказната за едно еко свесно и креативно општество и пред се за заедничарењето кое го правиме за „Една да може“ - се вели во соопштението.

Кајакарите ќе ја освојуваат Матка

На патеката „Матка“ крај Скопје претстојниот викенд (8 и 9 април) ќе се 49. традиционален Илинденски кајак слалом – ИКАС.

– Со организацијата и поддршката на 49-от традиционален Илинденски кајак слалом „ИКАС“, Агенцијата за млади и спорт (АМС) ја потврдува својата заложба за промоција на Матка како едно од најдобрите места на Балканот за овој спорт, но и за промоција на спортскиот туризам. Станува збор за една од најстарите традиционални спортски манифестации, не само во Република Македонија, туку и пошироко, но истовремено, традиционалниот илинденски кајак-слалом (ИКАС) е единствената спортска манифестација во Македонија, која без прекин, почнувајќи од далечната 1968 година, се одржува на реката Треска крај Скопје. Во таа насока, Агенцијата за млади и спорт секоја година е генерален покровител на оваа манифестација, а оваа година обезбеди 500.000 илјади денари, со што ја покажува сериозноста за развојот на овој спорт во нашата земја, изјави Спасески на  прес-конференцијата.

Спортскиот директор на Кајакарската федерација на Македонија, Атанас Николовски информира дека македонската селекција ќе брои дваесетина кајакари и ќе биде комбинација од помалади кајакари и неколку сениори.

Авицена женска трка во Градски парк

Авицена Женска трка ќе се одржи на 9-ти април во Градскиот парк во Скопје во организација на Сојузот на спортови на Скопје и под покровителство на Град Скопје.

Секоја учесничка ќе добие стартен број со чип за електронско мерење на време и трите најдобро пласираните во генерален пласман ќе добијат награди, како и најдобрите три по возрасни категории. По прогласувањето на најдобрите ќе следува лотарија со извлекување на стартни броеви од кои најсреќните ќе добијат вредни подароци од партнерите на Авицена Женска трка 2017.

Пријавувањето и регистрацијата за Женската трка 2017 ќе може да се направи преку официјалната веб страна на Виз ер Скопски маратон www.zenskatrka.mk и преку партнерот за онлајн регистрација на Виз ер Скопскиот маратон, www.smartrace.club.