Викенд настани и забави во Скопје

Викендот е пред нас, доколку се уште не сте испланирале каде ќе го поминeте вашето слободно време еве неколку интересни настани кој се закажани во Скопје:

Снежно ноќно искачување до Милениумскиот крст на Водно

Настанот е во организација на здружението за спорт и рекреација Прв до врв.

В сабота, на 11 февраури ќе се одржи „Снежно ноќно искачување до Милениумскиот крст на Водно”. Патеката е долга пет километри и се пешачи околу два часа.

Стартно и собирно место е пред Основното училиште „Кочо Рацин” во 17.30 часот. Ако има заинтересирани што сакаат да тргнат од средно Водно, збирно место е Кај фонтаната во 18.00 часот.

Организаторот препорачува соодветни зимски чевли за пешачење, фенерче, топла облека, ракавици, шал и капа, резервна маица, вода, овошје и храна по избор, ранец, фотоапарат. Искачувањето е на сопствена одговорност.

Три изведби на „Операта на шумските животни“ викендов

Македонската опера и балет продолжува со востановената практика за едукација на нашата најмлада популација преку т.н. детски викенд. В сабота и в недела на малата сцена во МОБ ќе се изведе новата детска претстава „Операта на шумските животни“, в сабота со почеток во 12 часот, додека в недела ќе има две претстави, од 12 и од 13.30 часот.

Сценариото на оваа музичко-сценска претстава има за цел да ја запознае, едуцира најмладата публика примарно со поимите во однос на оперската уметност, а наедно и со композитори, оперски пејачи, солисти, режисер, хор и сценарист. Сценариото изобилува со многу комични моменти што се случуваат додека шумските животни се обидуваат да создадат оперска претстава.

Музичкиот дел е исполнет со популарни арии од оперите: „Кармен“, „Палјачи“, „Аида“, „Травијата“, „Рита“ и многу други арии и инструментални композиции што се со адаптиран текст во својство на сценариото. Сценариото и режијата се на Десанка Глигоријевиќ. Настапуваат: Лиска - Симона Петровски/Надежда Рубен, Меца - Марика Поповиќ/Катерина Бошковска, Зајко - Јане Дунимаглоски/Дејан Стоев/Борко Биџоски, Був - Невен Силјановски.

Изложби за сите раси на кучиња во Скопје

Во текот на викендот 11 и 12 февруари ќе се одржат две меѓународни CACIB изложби за сите раси на кучиња во организација на Кинолошкиот сојуз на Република Македонија по повод отварање на новата кинолошка сезона годинава.

По завршувањето на изложбите и изборот на најубавите кучиња од сите пријавени, се избираaт најубавите односно Супер Бест ин Шоу, за кои постои и дополнителен фонд на награди, покрај вообичаените.

Изложбите ќе започнат од 10 часот, а ќе се одржат на Скопски Саем во Хала 3 во Скопје.

На изложбите ќе судат реномирани судии од Македонија, Бугарија и Словенија.

Прославете го Свети Трифун на Водно

Февруарскиот месечник на Прв до врв е закажан за во недела на 12 февруари, а тематски е посветен на виното и празникот Св. Трифун и ќе се состои од групно планинарење и возење велосипеди до врвот на Водно, како и заедничко дружење на групата на врвот на планината.

Стартот е закажан за 9 часот наутро пред основното училиште „Кочо Рацин“, а потоа околу 11 часот е предвиден делот за дружење и традиционално одбележување на празникот со македонско вино од винаријата „Стоби“, на врвот на Водно кај планинарскиот дом.

Во настанот традиционално учествуваат планинари, велосипедисти, спортисти, рекреативци, а поканети се сите граѓани да земат учество и да го поминат денот во здрава рекреација на Водно. Целта и на овој месечник во серијата месечни настани во организација на Прв до врв, е да се „мобилизираат“ што повеќе граѓани да учествуваат во заеднички и масовен тренинг и рекреација со искачување на Водно.

Овој настан нема натпреварувачки карактер, додека трките во планинско трчање, планински и друмски велосипедизам се закажани на главниот натпреварувачки ПРВ ДО ВРВ на 21 мај, за кој пријавувањето е во тек преку веб страната www.prvdovrv.mk.