Мистеријата за смртта на докторката Јелка Масин-Спасовска, која минатиот вторник беше пронајдена мртва во семејниот стан во скопската населба Kапиштец и понатаму продолжува, обдукцискиот наод се чека, а единствен начин да се реши мистеријата се видеоснимките од од објектите во близина на зградата каде се случи трагедијата, пишува Дневник.

– Дури и кога обдукцискиот наод од Институтот за судска медицина ќе биде готов, тоа не значи дека веднаш ќе го добиеме одговорот дали жртвата била убиена, или, пак, станува збор за самоубиство. Наодот, пред се, ќе даде насоки во кој правец да продолжи истрагата. Во меѓувреме, се преземаат и други истражни дејства, а фокусот е ставен на видеокамерите со цел да се утврдат евентуални сомнителни влегувања и излегувања во зградата каде што живеела Спасовска, велат за „Дневник“ извори од истрагата. 

За потсетување, докторката која беше најдена мртва во станот на улицата Елисие Поповски Марко, беше испратена во вечниот дом во саботата. Соседите не виделе и не слушнале ништо, а за починатата докторка имаат само пофалби.