(Видео) Силве и Тони ги гушнаа скопјани пред да тргнат на пат околу светот

Со насмевка и широко отворени раце брачниот пар Силве и Тони, авантуристи кои се подготвуваат за пат околу светот на мотоцикл, денес ги пресретнуваа минувачите на влезот во Градскиот трговски центар. На одбележувањето на Светскиот ден на прегратките, Силве и Тони го почнаа гушкањето во Скопје, откако ги изгушкаа граѓаните во сите останати градови во Македонија.

„И јас ве сакам“, беа главно реакциите на скопјани, но имаше и такви кои бегаа и од далеку дофрлаа „имам јас кој да ме гушка“, но и едните и другите со интерес ги ѕиркаа луѓето што делеа бесплатно гушкање. Со гушкање Силве и Тони се подготвуваат да продолжат во повеќе од 45 држави во светот.

Ќе патуваат на мотоцикл, а ќе тргнат во март. Велат дека гушкањето не го избрале случајно за главна активност на патот околу светот. „Ова се гушкањата кои требаше да ги посветиме на нашите деца, но не можеме да имаме деца, па ќе ги гушнеме сите што сакаат гушкање. Се обидувавме 23 години и не се случи, но затоа сега немаме обврски и можеме да си дозволиме пат околу светот “, за Макфакс раскажува Силве која минала низ шест обиди за ин витро оплодување.

Двајцата дале откази на работа, вработени се до први следниот месец, а потоа ќе почнат со интензивни подготовки за големата авантура. Подготвени се да се возат на секакви временски услови, ќе преспиваат по хотели и мотели, а од голема помош им се меѓународните мото федерации. Во земјите каде што има мото федерации Тони им Силве ќе им бидат гости на моторџиите, добиле поддршка и покани од многу места. Во Скопје, покрај „Ноќни волци“ поддршка им даде младинската организација „Млади за љубов“ која 10 – та година по ред организира „Гратис гушкање“. Нивните активисти, заедно со Силве и Тони денес ги гушкаа скопјани.