(Видео) Кањонот Матка од поинаков агол

Кањонот Матка зафаќа површина од околу 5.000 ha и се наоѓа на 17 km југозападно од Скопје. Станува збор за кањон на реката Треска, која е десна притока на Вардар. 

Според морфогенетските карактеристики претставува клисура-пробојница. На овој простор посебно внимание заслужуваат карстните форми - десетте пештери со должина од 20 до 176 метри и двата пропасти со длабочина до 35 метри. Од вкупниот број на 1.000 видови на растенија, 20 % се ендемити или реликти.

Од терциерните реликти, позначајни се кошаниновата темјанушка (Viola kosaninii) и наталиевата рамонда (Ramonda nathaliae). Во кањонот се регистрирани 119 видови дневни и 140 видови ноќни пеперутки. Значајно е да се напомене и тоа дека во кањонот Матка се среќаваат 77 видови на балкански ендемични мали пеперутки, а уште 18 други видови се нови за науката.