Ви следува обесштетување: Aко по вина на ЕВН ви се расипе шпорет, телевизор, компјутер

Повеќемина скопјани деновиве до медиумите и на социјалните мрежи се пожалија дека во неколку дена по неколкупати во денот снемувале струја по што им „цркнале“ некои од апаратите.

Обесштетување од дистрибутивната компанија „ЕВН Македонија“ можат добијат граѓаните кои деновиве пријавија дека им се расипал некој од куќните електронски апарати, ако се утврди дека причина за расипувањето е прекинот со напојувањето со електрична енергија. Од ЕВН велат дека граѓаните кои имаат ваков проблем може да се обратат кај нив, по што комисија од експерти врши увид во домот на оштетените, пишува Телеграф.

Скопјанец што живее во населбата Ново Лисиче вели дека во текот на 24 часа во нивниот стан снемало струја трипати. Откако дошла струјата по последен пат, рерната повеќе не функционирала.

- Навистина сум лут затоа што немаше известување дека ќе снема струја и плус доаѓаше и снемуваше во брзо време. Мислам дека испадите се причина што сега рерната воопшто не ми работи - вели скопјанецот.

На социјалните мрежи имаше сведочења и од други граѓани, а нивните права се загарантирани законски во актите за снабдувањето со електрична енергија кои ги носи Регулаторната комисија за енергетика.

Од ЕВН се категорични дека ако дефектот е настанат и за него вината е од „ЕВН Македонија“, секој корисник има право да побара надомест на штета.

- Според процедурата, треба да се поднесе барање до соодветниот кориснички центар на „ЕВН Македонија“, по што комисија излегува на увид, прави процена и изготвува соодветно решение и одговор. Во случај причина за штетата на апаратите да не е ЕВН, а корисниот да не е задоволен од наодот, правдата или докажувањето може да го побара на суд каде што одговара и ЕВН. Во случај да се потврди дека причинител е ЕВН, ако е можно апаратите се поправаат, односно се сервисираат, а ако не е можно се заменуваат или се враќаат парични средства во сума соодветна на штетата - велат од „ЕВН Македонија“.

Оттаму додаваат дека компанијата е една од ретките која е отворена кон корисниците за вакви постапки и сите случаи ги решава согласно мрежните правила и во согласност со Законот за енергетика.