Потребата во нешто да веруваме и надежта дека тоа ќе се случи е во основа на приказната на новата премиера на Драмскиот театар-Скопје: „Вера  Љубов Надеж“ во режија на Лука Кортина. 

Претставата која премиерно ќе биде изведена утревечер е работена по  истоимениот текст на Еден фон Хорват од 1932 година, а токму за оваа праизведба е првпат преведен од германски на македонски јазик од Слободанка Поповска.

Приказната е за Елизабета, девојка која решева да го напушти домот сакајќи да има живот независен од законите што и ги диктира општеството. Режисерот Кортина на прес-конференција денеска рече дека приказната е за секој поединец наспроти системот и дека секој од нас е Елизабета кој самостојно е подготвен да ги задоволува своите потреби и да живее според сопствената етика.

- Верата, љубовта и надежта не се некои одлуки или ставови, туку се карактеристики што човекот го прават тоа што е. Приказната се развива од апсурдната стартна точка - од желбата за продавање на своето тело кога ќе биде мртва за во сегашноста да има пари за живот, рече Кортина за претставата во која играат 16 актери.

Главниот лик (Елизабета) го игра Наталија Теодосиева како гостин во ансамблот на Драмски. За својот лик, Елизабета, рече дека  е цврсто уверена во своите принципи и убедувања, доживува подеми и падови за на крајот да плати за тоа што не мисли како другите и што го живее животот на свој начин.

Во младата актерска екипа е и пензионираниот актер на ДТС Благој Чоревски кој рече дека е почестен што е поканет да игра со млада екипа од која учи како што кога бил млад учел од искуството на повозрасните актери. - Иако е од 1930-тите, овој текст многу говори и за сегашната транзициска состојба во која се наоѓаме сите и за борбата на младиот човек кој има елан да направи нешто поинакво, но нема средства да ја надгради својата идеја, рече Чоревски. 

Самите актери на сцена свират на различни инструменти, а музиката на Љупчо Константинов е во функција на претставата. Тој рече дека успеале да направат музика што добила форма на драмско лице, а не да биде само параван. Костимографката Марија Пупучевска, пак, истакна дека костимите на ликовите не ги врзала за некоја одредена епоха затоа што, рече, самиот текст е и овде, сега и некогаш. Автор на сценографијата е Мери Батакоја.

В.д. директорот на ДТС Сашо Тасевски на прес-конференцијата рече дека во програмата на Драмски театар за 2018 година ќе бидат претстави кои зборуваат за она што егзистенцијално го допира подинецот и заедницата. - Жестоки, ангажирани, со многу силни заплети, современи. Она што го гарантираме е страшно добар квалитет на драмите што ќе бидат поставени, рече Тасевски.