Драмски театар - Скопје во вторник, 7 март, премиерно ќе ја изведе претставата „Венецијански трговец“ од Вилијам Шекспир, во режија на Наташа Поплавска.

По повод премиерата режисерката Поплавска подвлече дека ова е нејзина прва соработка со Драмски театар, а изборот тоа да биде токму оваа драма на Шекспир, го направиле заедно со директорот на театарот Роберт Вељановски, меѓу другото и поради тоа што ова е еден од најмалку изведуваните претстави воопшто во светот.

Во претставата покрај бардовите на македонското глумиште Јовица Михајлобски, Диме Илиев и Анастас Тановски, настапуваат и младите актерски надежи на Драмскиот театар актерите Стефан Вујисиќ, Дамјан Цветановски, Златко Митрески, Григор Јовановски, Сергеј Димоски, Јаков Спасов и Марко Илиќ, како и гостинот од Прилепскиот театар Зоран Ивановски. Единствениот женски лик го толкува Јана Стојановска.

Костимите се дло на Александар Ношпал, музиката на Јана Стојановска, Лука Ѓоргиевски и Андреј Блажевски, а сценографијата на Емил Петров.

Ова е втора постановка на „Венецијанскиот трговец“ во историјата на македонскиот театар. Првпат е поставен во 1970 година во МНТ во режија на Хуго Клајн, а улогата на Шајлок му била доверена на бардот Петре Прличко.

Подготовката на претставата покрај од Министерството за култура е поддржана и од Арт медија, како и од неколку приватни компании. За оваа претстава изработена е и веб-страница https://venecijanskiot.wixsite.com/dramski. Инаку, ова е втора премира на Драмскиот тетар за оваа година, а која се игра според програмата за 2016 година.