Велосипедите и среќата

Освен хиге, лего коцките и Ханс Кристијан Андерсен, Данска е позната по својата љубов кон велосипедите.

Од една страна, лесно е да се биде нација на страсни вљубеници во велосипеди  кога највисоката точка во земјата се наоѓа на надморска височина пониска од 200 метри и кога самата држава вложува многу во самата инфраструктура.

Можеби ќе аргументирате дека е тешко да се вози велосипед во Скопје и дека тоа е особено тешко во зима. Сепак, мораме да се приспособиме на тоа што го имаме, а во последно време во нашиот град значително беше подобрена инфраструктурата за возење велосипед. Во таа насока, можеме да кажеме дека не можеме да купиме среќа, но можеме да купиме велосипед.

Истражувањето спроведено во 2014 година од страна на Медицинскиот факултет  и Центарот за здравствена економија на универзитетот Источна Англија во Норич покажало дека луѓето кои одат со велосипед на работа се значително посреќни од оние кои користат автомобил или јавен превоз. Ова истражување опфатило 18 илјади учесници во период од 18 месеци.

Според Фондацијата за ментално здравје во Велика Британија, возењето велосипед ни помага да се чувствуваме позадоволно, побудно и посмирено и има позитивен ефект на нашето расположение. Дополнително, се посочува дека тоа ја подобрува самодовербата, ја намалува депресијата, но и го намалува ризикот од деменција. 

Едно друго истражување пак објавено во Harvard Business Review истакнува дека возењето велосипед помага во зголемување на продуктивноста и одржување на здрав и среќен баланс меѓу работата и домот. Децата кои возат велосипед пак се повнимателни на училиште и имаат подобри когнитивни перформанси и академски успех.