Велосипеди за изнајмување во „Борис Трајковски“

Спортскиот центар „Борис Трајковски“ воведува нова содржина за рекреација - „ИЗНАЈМИ ВЕЛОСИПЕД-АЈДЕ ДА ВОЗИМЕ ЗАЕДНО“.

„Во првата фаза од овој проект воведуваме во употреба 20 велосипеди од различни видови, меѓу кои наменети за мажи, жени и деца, се со цел да им се излезе во пресрет на граѓаните и нивните потреби, за да ги користат за рекреативно-спортски намени. Преку сукцесивна јавна набавка треба да се набават вкупно 35 велосипеди во зависност од искористеноста на капацитетите, за која всушност и воопшто не се сомневаме. 

Сакаме да ја искористиме привилегијата на благопријатната местоположба на која се наоѓаме, веднаш до Кејот на реката Вардар каде што почнува рекреативната патека, која се протега на потегот до централното градско подрачје, а за оние кои имаат посериозни намери за рекреативен велосипедизам и до крајот на стазата во Ново Лисиче, односно Аеродром. 

Сите оние што сакаат да ја користат услугата „ИЗНАЈМИ ВЕЛОСИПЕД-АЈДЕ ДА ВОЗИМЕ ЗАЕДНО„, ќе ја имаат можноста да го сторат тоа веднаш до службениот влез на ВИП Арената во рамките на Спортскиот Центар БOРИС ТРАЈКОВСКИ, во периодот од 15.04. до 15.10. во годината, секој работен ден (Понеделник-Сабота) со работно време од 07:00 до 22:00 часот и Недела со работно време од 17:00 до 21:00 часот.

Одлучивме цената да биде симболична и во интерес на граѓаните и да изнесува само 50 денари за секој започнат час, почнувајќи од моментот на изнајмувањето на велосипедот“, се вели во информацијата од спортскиот центар.