Велопикник во парк шумата Гази Баба

Велосипедски излет посветен на Европската недела на мобилноста ќе се одржи денеска во парк шумата Гази Баба, како дел од третиот ден од Европската недела на мобилност 2016.

Настанот што е во организација на здружението „Прв до врв“, а поддржан од Град Скопје е наменет за сите кои сакаат викендот да го поминат со својот велосипед, заедно со своето друштво или семејство и да се забавуваат на излет со музика и во друштво на љубители на велосипедите. На велопикникот и на промоцијата на тематската карта за Паркот на природата „Гази Баба“ ќе присуствува и градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски.

Пикникот ќе почне со истражување на парк шумата Гази Баба, каде учесниците ќе можат да се запознаат со патеките што оваа локација ги нуди за рекреација со велосипед, а потоа од 12 часот е предвидена музичка програма и забава за присутните на пикникот.

Европската недела на мобилноста е кампања за креирање навики и алтернативи за одржлив транспорт на луѓето кои живеат во градовите. Во кампањата учествуваат 1966 градови во Европа, меѓу кои и Скопје.