Вечерва „Рок Симфонија“ со Влатко Стефановски во Охрид

Фестивалот „Охридско лето“, вечерва од 21 часот, на отворената надезерска сцена на Долни Сарај, го приредува атрактивниот концерт, насловен: „Рок симфонија“ со Влатко Стефановски и Битолскиот камерен оркестар.


На концертот, под диригентската палка на Владимир Димовски, како солисти, ќе настапат Михајло Трајковски-Сак, Жарко Јакимоски и Боби Мојсовски. 

Концертот на Камерниот оркестар на Битола и Влатко Стефановски, „Рок Симфонија“, ќе може да се следи во живо на веб-страницата на „Охридско лето“ –www.ohridskoleto.com.mk

Фестивалот „Охридско лето“ обезбеди дел од настаните на годинешното 57. издание, да бидат пренесувани во живо преку интернет.
На 19 август, ќе биде пренесувана и Вечерта на романтична музика за виола со Блерим Груби и Марија Вршкова.

Видео-преносот ќе може да се следи и преку најавените линкови на Фејсбук, како и на веб-порталите на медиумските спонзори на оваа најзначајна културна манифестација.

Лајв-стримингот е новина што се практикува на сите светски фестивали. „Охридско лето“ во соработка со генералниот спонзор T-Home ја воведе ваквата практика на веб-продукција со цел фестивалот да се доближи до најсовремените  технолошки IT достигнувања.

- Веќе неколку години на задоволство на нашата публика, успешно го спроведуваме ваквиот начин на пренос. Она што посебно не’ радува е реакцијата на љубителите на уметноста кои од какви било причини не се во можност да бидат во гледалиштата. Токму затоа на овој начин им ја доближуваме уметноста и им овозможуваме да уживаат во концертите од фестивалската програма - велат од „Охридско лето“.

Оттаму додаваат дека овој начин на следење на програмата на најпрестижната манифестација кај нас, како новина, постојано ќе се осовременува, но и ќе опфати поголем број настани.