Вечерва му простувам на мојот татко што никогаш не беше татко...

Вечерва одлучив да не исполнувам ничии желби. 

Вечерва имам 29 години и јас сум на прагот да наполнам 30. 

Остварив многу цели кои си ги зацртав, но многу од целите и не ги остварив. 

Вечерва не сакам никого да смирувам. Вечерва сум сама и навистина ми е мака. 

Вечерва се чувствувам себеси, после многу зборови, солзи, дела, изгребани колена, простувања, фаќање нечии туѓи ѕвезди, вечерва се среќавам себеси. 

Себеси, жената која правела и вистински и погрешни избори. Јас, грешната, ранетата, понизната, скршената, со Бог во срцето и на усните... себеси. 

Ниту барам, ниту давам прошка. 

Вечерва се ослободувам од минатото. И среќното минато и она што лажно се претставуваше како среќна иднина. 

Вечерва ја слушам музиката која само јас ја сакам. Вечерва си ја пијам пијачката која само јас ја сакам. Вечерва си ставам од парфемот кој го штедев, затоа што немам пари да си купам друг. 

Вечерва е мојот ден, утро, вечер. 

Вечерва му простувам на мојот татко што никогаш не беше татко. Вечерва ѝ простувам на мојата фамилија што никогаш не ме викнаа на неделен ручек додека мајка ми беше болна. 

Вечерва му простувам на Ромео што никогаш не бев Јулија. 

Вечерва си простувам на себеси што не кажував почесто колку ги сакам оние кои засекогаш си заминаа, што не им дадов повеќе од себеси. 

Вечерва простувам сѐ. 

После 1000 непроспиени ноќи, вечерва одлучив да им простам на сите, но и на себе, затоаш то сакам да живеам. А сакам да живеам несебично. Сакам да живеам во овој ужасен свет и да оставам нешто добро, можеби едно здраво и бистро дете, можеби некоја поучна мисла, можеби само некој кој познавал некој кој сакаше само љубов и мир на овој свет.