„Вашингтон пост“: ЕУ ја излажа Македонија, нема датум за преговори

Европската Унија ја излажа Македонија, предупредува „Вашингтон пост“. Во коментар на босанскиот активист Јасмин Мујановиќ се најавува дека ветувањата за датум за преговори за членство во ЕУ доколку Македонија го смени името се покажале како лажни, а главната причина за тоа е одбивањето на Унијата да прифати нови членки во кои има голем број муслимани.

Европските дипломати ги наведоа Македонците да веруваат дека, ако го голтнат ова горчливо апче – ако го сменат името на својата држава – ќе добијат забрзан прием во ЕУ и НАТО. Приемот во НАТО изгледа дека ќе се случи, но идејата за членство во ЕУ – која е всушност големата награда што ја очекуваат повеќето обични луѓе во целиот регион – станува се помалку и помалку веројатна. Просто кажано, ЕУ лажеше, и поради тоа владите и народите во регионот се гневни, пишува Мујановиќ во својот коментар објавен во Вашингтон пост под насловот „Како Европската Унија го предаде Западниот Балкан“.

Левичарскиот активист Мујановиќ беше еден од организаторите на босанската „обоена револуција“ во 2014 година, а подоцна и гласен поддржувач на „шарената револуција“ во Македонија, вклучително и како соработник на организацијата Фридом Хаус. Според него, причината поради која ЕУ нема намера да прими балкански земји како нови членки е бројната муслиманска заедница во регионот.

Старата гарда во Западна Европа вели дека е загрижена од назадувањето во демократијата на (југо)истокот на континентот. Но, таа е пред се загрижена од подемот на десничарските движења во нивните сопствени држави. Овие движења посочуваат на Балканот како на туѓо тело, поради големото домородно муслиманско население во овој регион, и бараат тој да се држи подалеку од Европа, оценува Мујановиќ.